Баланс мама

Пилатес кралица мајка: интервју со Јасна Лековска

Фотографија: Ани и Дими 

Кога станува збор за обликување на телото и креативни комбинации на вежби, таа е кралица. Пример за посветеноста на градење бренд, истрајност во трансформациите на физичкото тело и балансирањето помеѓу љубовта кон работата и љубовта кон семејството. Јасна Лековска не ви остава оправдување да не дојдете во сала, но и да не се посветите на своето тело. Со својата долгогодишна работа и вложување, заедно со својот тим ја раскажуваат приказната за значењето на обликувањето на своето физичко тело наречена Тринити.

Како би го опишала својот личен стил?

Моето темпо на работа е секој ден во сала, без исклучок, од понеделник до недела, без разлика дали станува збор за индивидуални или групни часови. Следствено на тоа, мојот стил е претежно спортски.

Кои се твоите начини да воспоставиш баланс помеѓу семејството и професијата?

Бидејќи работам работа која не е врзана со работно време, ја имам најголемата привилегија што може да ја има една мајка – поголемиот дел од денот го поминувам со моите две деца. Попладнето и викендите се резервирани за целата фамилија.

Како мајка, кои се некои од најдобрите совети во однос на балансирањето помеѓу својот живот, детето/децата и професијата кои би можела да ги споделиш со други мајки/жени?

За среќа, добивам голема помош од мајка ми и сестра ми. Поради таа причина, можам слободно да кажам дека практично имам време за сѐ. Мајките кои немаат таква помош треба да имаат доволно разбирање од сопругот. Тој треба да биде свесен дека е потребна и негова помош, како и индивидуално, слободно време за мајката. Една од најважните улоги на таткото за своите деца е, впрочем, да ја сака и почитува нивната мајка.

Како изгледа твојот типичен ден?

Станувам рано и се подготвувам за утринскиот час по пилатес во Тринити. Потоа се враќам дома и, доколку денот е сончев, одам со децата во парк. Попладнето го поминуваме дома сите заедно во игра. Околу 8 часот децата веќе спијат и имаме малку време со сопругот за заедничка вечера и кратка телевизиска серија.

Како издвојуваш време за себе?

Бидејќи сум апсолутно вљубена и опседната со работата што ја работам, сето време е време за мене: сакам да вежбам, да готвам здраво, да отидам на масажа, да направам фотографии од моето секојдневие.

Практикуваш ли некои посебни ритуали на организација (апликации, организер, помош од некоја друга личност)? Дали имаш направено одредени прилагодувања во професионалниот живот за да имаш повеќе време со своите деца?

По природа сум човек кој сака сѐ да биде завршено навреме – за ништо да не се доцни. Сите обврски кои ги преземам сакам да се максимално професионално и навремено завршени. Бидејќи децата имаат балансирано спиење, имам доволно слободно време и засега не користам никаква апликација, организер и сл. Понекогаш наутро на налепница-белешка запишувам кои се моите обврски во текот на денот.

Што е она што го научи од мајчинството и што те изненади најмногу во процесот на станување мајка? Кои се твоите викенд ритуали?

Научив дека не постои посилна емоција од мајчинството, дека децата се моето сѐ. Викенд ритуалите се поврзани со поминување време со фамилијата и со другарчињата на децата.

Според тебе, која развојна фаза на детето е најтешка, а која е наједноставна?

Нема лесна и тешка фаза, сите фази од растењето на детето се убави. На идните мајки им препорачувам да уживаат максимално во секој момент. Понекогаш знае да биде тешко, но сѐ брзо се заборава и брзо ќе ни недостига потоа.

Кои се предизвиците со кои се сретнуваш при градењето на својот бренд?

Сакам да сум секогаш прва во сѐ што е поврзано со Тринити, сакам да немам ниеден незадоволен вежбач, сакам да имам задоволни колеги, задоволни соработници. Во иднина се надевам дека со партнерката Катерина ќе продолжиме заедно да ги споделуваме нашите сродни гледишта. Тоа е особено важен дел од начинот на кој го градиме брендот Тринити.

Какви се твоите цели за претстојната година?

Не си поставувам цели и не си правам притисок за цела година однапред. Работата ја работам со љубов, чекор по чекор, се трудам максимално да ги следам трендовите во вежбањето. Секојдневно се надградувам преку читање литература поврзана со здравата храна, вежби и ги следам постојано светските трендови.

You Might Also Like

Нема коментари

    Коментирај