Експерти и совети

Дула – дел кој недостасува: интервју со Маја Трајковска

Првата дула од Македонија, Маја Трајковска, е личност која во себе содржи колаж од хумани, љубовни, природни и креативни состојки. Во допир со нејзиното присуство може да почувствувате многу за нејзините длабоки знаења за одржувањето на балансот во себе и контекстот околу себе. „Дула е водич, сертифицирана асистентка која овозможува индивидуално подготвување за вашето уникатно искуство низ породувањето. Таа е поткрепа на семејството за време на целиот процес на породувањето и раѓањето, нудејќи докажани техники за олеснување и поддршка, за постигнување на побезбедно и позадоволително искуство. Таа е тука за новото семејство по раѓањето, кога најмногу ви е потребна помош, во форма на грижа и услуги во вашиот дом.” Маја Трајковска е дула која е вашата потенцијална „врска која недостасува”, пријателска можност за поддршка во слушањето на второто „јас”, надминувањето на себеси во породувањето и раѓањето на мајка која верува во себе.

Како треба да го избереме вистинскиот партнер за чинот на породувањето? Кој сè може да биде тоа и какви „состојки” треба да поседува? Колку таа улога треба да започне пред самиот чин?

За тоа „како” нема дефиниција. Секој на свој начин ќе се впушти во таа авантура – малку интуиција, малку информираност, зависи индивидуално од потребата на мајката. Вистински партнер секогаш ќе биде оној во кого имаме доверба, чувство на блискост и разбирање. Во секој случај, барем ќе знаеме кој не е вистинскиот партнер ако се потпреме на суптилната чувствителност на родилката и тоа кој ѝ буди пријатни чувства. Најголем партнер во породувањето ќе биде секогаш она второ „јас”, онаа длабока „ти”, која не е свесна колку може и знае. Покрај тоа, останатите партнери се докторката и/или бабицата со која родилката решила да се породи – кај нас не секогаш по свој избор, понекогаш повеќе на среќа – останатиот медицински персонал, интимниот партнер, дула, некој близок… Партнерот би требало да ги има состојките доверба, љубов, нежност и сила, а во исто време и информираност и посветеност, да знае да те насмее и опушти, да поседува флексибилност. Таа врска со партнерот/ите започнува откога ќе се пронајдат. Никогаш не е доцна за добар партнер да стане дел од тимот на поддршка.

“You don’t do labour, labour does you”. Дали ова се совпаѓа со твоето искуство?

Дефинитивно она: „Кој те породи?” треба да излезе од навиката на луѓето. Сами се породуваме. Помош и поддршка секогаш постоеле и ќе постојат, ама сепак мајката ќе си го роди бебето, на полесен или потежок начин. Царскиот рез е исклучок, во тој случај навистина некој те породува. Се согласувам и со тоа дека породувањето е трансформативно доживување за кое никогаш не си доволно подготвен и секогаш ќе остане еден дел кој ќе те изненади и ќе те предизвика да се надминеш себеси.

Што е она што те инспирираше да станеш дула?

Ме инспирираа дулите што ги запознавав на моите патешествија низ светот. Првата дула ја запознав пред околу 10 години и останав со подзината уста и жедна да дознаам повеќе околу таа професија. Потоа се редеа други прекрасни жени-дули, кои во мене оставаа трага со својата личност, така што веќе се гледав себе во целата приказна, но не знаев како да започнам. Со мојата прва бременост дојде и можноста, и завршив почетен курс во Белград организиран од страна на DONA Int.https://www.dona.org/. Потоа следуваа други курсеви, литература и пракса. Целиот процес на сертификација траеше околу 3 години. Со стекнувањето на сертификатот се зацврсна и првичната иницијатива да нaвлезам во овие води и ми се потврди дека ова е професијата што ја сакам и што ми има најголема смисла.

Која е дулата во породувањето? Сметаш ли дека таа може да има клучна улога при носењето на различни одлуки при самото породување?

Дулата никогаш не смее да одлучува или да влијае врз одлуката при породувањето, може единствено да пренесе информација, а мајката сама да донесе одлука. Каква и да е таа, дулата секогаш ќе ја поддржи. Дулата е оној дел кој недостасува во класичните родилишта, постојаната присутност покрај родилката. Дулата нема да ја напушти родилката низ целиот процес на породувањето, освен ако родилката не го побара тоа од неа. Од некои навидум прости нешта, како чаша вода или ладни облоги на челото, па сè до масажи, акупресури, техники за длабока релаксација и слично се некои од нештата кои дулата ќе ги стори за родилката. Секогаш ќе се грижи за што поубаво и позитивно родилно искуство и ќе ги застапува желбите на родилката.

Која е твојата дула?

Моите дули се повеќе, на моето прво породување беа присутни некои многу блиски пријателки и една од нив потоа навистина го заврши курсот за дули. На второто породување имав многу искусна дула и нејзиното присуство беше од неверојатно значење за разубавување на целосната приказна.

Колку е мајката свесна за себеси, своето тело и одлуките што ги носи за време на породувањето? Што сè може да влијае на тоа нејзините одлуки да не се целосно нејзини? Дали сметаш дека тие аспекти допираат до прашањата на нејзиниот идентитет?

Свесноста на мајката секогаш е различна. Индивидуално на некои жени им треба повеќе помош да веруваат во себеси, а некои едноставно го имаат тоа и дури може да и се засили за време на бременоста. Во секој случај, самото породување е една гранична зона и многу лесно може да влијае сето она што ја опкружува родилката. Најмногу секогаш влијаат зборовите на медицинскиот персонал и партнерот. Доколку и се даде слобода, време и поддршка, родилката може да помине низ еден многу голем трансформативен процес кој ќе ѝ донесе само придобивка во мајчинството и врската со своето дете и со себеси. Породувањето може и би требало да биде еден настан во животот на секоја жена кој ќе ѝ послужи како извор на сила и решителност за понатамошните предизвици во животот.

Која е твојата омилена приказна за раѓањето?

Искрено, моите приказни многу си ги сакам, а една што често ја споменувам надвор од моите е приказната на една пријателка од Бразил, на која пред самото породување ѝ дошло чувство дека треба да плива. Откога испливала неколку метри во езерцето пред нејзината куќа, веднаш по излегување од водата, лесно се породила. Исто така, една бабичка од македонско кичевско село има родено 8 деца сама дома, без бабица и без никаков проблем. Денес е една позитивна и многу ведра баба. Со неа имам направено и кратко документарно филмче: https://www.youtube.com/watch?v=ssLNMtZTbfg

Сметаш ли дека заедно со раѓањето на детето се раѓа и мајката и нејзиниот партнер? Колкава е промената на личностите во  родителството?

Породувањето во минатото било своевиден процес на иницијација, на прераснување на девојката во жена-мајка, а таткото имал свое докажување. Промената е неизбежна и нужна – велат, ако не се случи на породувањето, тогаш ќе се случи подоцна во животот, ама претставува едно скалило кое му дава смисла на постоењето, грижа за потомството, пренесување на вредностите и продолжување на родот. Раѓањето е првиот чекор. Партнерот, доколку присуствува на породувањето, ќе има можност да биде сведок на едно чудо. Тоа присуство може многу да ја зајакне врската помеѓу родителите и новороденчето, а ќе стекне поголема почит кон жените и животот воопшто. Во секој случај, хормонот на породувањето е хормонот окситоцин, воедно и хормон на љубовта, па ако во тој излив на окситоцин се присутни мајката, таткото и бебето тоа е еден прекрасен старт за семејство со љубов.

Кои се твоите активности и планови за оваа година (работилници, дула-советник…)?

Во моментов ги креираме плановите со останатите дули кај нас. За сите оние кои сакаат да ме ангажираат како дула постојано сум достапна. Останати работилници и настани може да се следат на фејсбук станицата https://www.facebook.com/dulamk/ и на https://dulamk.weebly.com/

Како влијае создавањето уметност на раѓањето, поврзувањето со други мајки и жени и духовната подготовка пред чинот на породувањето на мајката?

Ако почнеме од тоа дека креативната енергија и енергијата на креацијата се едно исто, тогаш секако дека сè што е поттикнато од креативност го потпомага процесот на бременоста и породувањето. Нашите работилници „Блажени и креативни”, кои наскоро ќе продолжат да се одржуваат, беа точно пример за тоа како позитивно можеме да се подготвиме и поддржиме една со друга. Секоја најмала креација, без оглед дали е цртеж, мал детаљ или стихче, е едно наше детенце, и во тој контекст сакам да дополнам дека дури и оние жени кои заради некоја причина во животот не успеале или не можеле да имаат дете, не се исклучуваат од категоријата мајка.

You Might Also Like

Нема коментари

    Коментирај