Инспирација

Разигран моден стил во бременоста: интервју со Ирина Тошева

Со Ирина Тошева модните парчиња се секогаш разиграни. Таа го користи женското тело како платно за шарени, смели и урбани комбинации. Со неа имавме одлична прилика да соработуваме на ташната за просторни истражувачи http://www.theurbclv.com/irina-tosheva-custom-made-bag/. Голема чест, бидејќи таа веќе со години е еден од најкреативните и препознатливи брендови во македонскиот моден свет. Нејзиниот налудничав спој на практичното, шарениот принт и уличниот стил, не инспирираше да ја распрашаме како да го зачуваме и подобриме модниот стил во бременоста, но притоа да не се изгубиме ниту себеси, ниту својот личен печат.

Дали мислиш дека бременоста е ултимативниот предизвик за модниот стил на една жена? Колку е важно, меѓу другото, да обрнеме внимание и на начинот на кој се изразуваме преку облеката во овој период?

Бременоста претставува едно од најважните раздобја во животот на секоја жена.

Со менување на телото, се соочуваме и со модната дилема како соодветно да се облечеме за секоја пригода, а притоа да се чувствуваме пријатно во своја кожа. Предноста е секогаш на страна на комфорот. Не се откажувајте од својата индивидуалност, туку прилагодете ја оваа промена на досегашниот стил и извлечете го максимумот од неа.

Кои се твоите препораки за тоа како да се изгради капсулна гардероба за бременоста? Што би ставила во „основни насоки” ? Кои модни парчиња се дефинитивно „ДА”, а кои се големо „НЕ”?

Најважно е никако да не дозволите да изгледате „како вреќа“ во она што го носите. Избегнувајте прелабава и облека без облик, но никако и не одбирајте тесна облека.

Не затворајте се во темни бои. Носете принтови и најразлични ситни дезени кои ќе го освежат вашиот изглед. Инвестирајте во квалитетни труднички панталони. Туниките и фустаните кои се шират под градите или се со преклоп и врзување на грбот се совршени. Играјте со модните додатоци (обетки, марами, ѓердани, брошеви), особено во вратната област.

За време на бременоста, во метаболизмот се случуваат промени и се чувствува топлина, како и поголемо потење од вообичаено. Затоа е важно да се внимава при изборот на материјалите. Одлучете се за природни материјали, коишто ќе направат да ви биде пријатно и свежо.

Градниот кош се зголемува и од особено значење е да пронајдете добар и квалитетен градник. Заборавете на распродажбите, одберете градник што ќе ја даде потребната поддршка.

Кога ги гледав фотографиите од блогерката Мериен Теодорсен https://www.vogue.com/article/norwegian-blogger-marianne-theodorsen-pregnancy-style-baby-bump  и начинот на кој го стилизираше својот стомак, добив впечаток дека не постојат ограничувања во однос на комбинациите и модните парчиња. Мислиш ли дека во овој период можат да важат истите правила како и претходно, или потребни се одредени прилагодувања? Која личност би ја издвоила како твојот омилен успешен проект на „стилизирај го стомачето”?

Последниве неколку месеци има “blogger baby boom” и голем дел од влијателните авторки на социјалните мрежи покажуваат нова страна, која не се состои само од храна, модни ревии и луксузни дизајнерски парчиња.

Девојките како Chiara Ferragni, Leandra Medine, Marianne Theodorsen ја користат својата општествена моќ да редефинираат што значи да се биде трудница во денешно време.

Лежерноста и спортската нота во модните трендови последниве сезони, пак, уште повеќе го олеснуваaт впечатокот дека не постојат големи ограничувања во модните комбинации.

Како да постапиме кога во секцијата на мода за бремени жени сè изгледа старомодно? Кои креативни решенија би ги препорачала?

За почеток, би рекла дека не треба секогаш да се потпирате и трагате низ полиците со гардероба за бремени жени за да пронајдете облека за себеси. Вообичаено, таквите парчиња се одраз на клишеата и униформираноста, а со кои ниту една жена што ја негува својата автентичност не би била „пресреќна“.

Освен инвестицијата во труднички панталони и добар градник, кои е неопходно да се купат, сметам дека секоја жена може да ги прилагоди парчињата од „нормалната“ гардероба во секојдневието. Со добар кројач, може да се прекројат и дел од „старите“ омилени облеки.

Во соработка со моден дизајнер, пак, постои можност да се сошијат и повеќе нови интересни парчиња, кои се пријатни и лесни за одржување, а и да се концентрира на играта со модните додатоци.

Според тебе, кој е најсоодветен начин да изгледаме елегантно кога треба да доиме во јавност. Дали да искористиме марама, слинг? Колку тие можат да бидат модни парчиња со порака и да ја отсликаат урбаната мајка?

Доењето е нормален процес и треба да биде прифатен како таков. Изборот е индивидуален – сè додека е нешто што прави да ви е пријатно вам и на околината е доволно.  

По долги разговори со другарките на темава почнав да работам и на прототип марама за тие моменти. Се надевам ќе биде успешна и корисна за идните мајки.

Колку дизајнираните модни парчиња можат да се прилагодат на бременоста? Дали си имала можност да дизајнираш за трудница?

Периодов сум опкружена со бебиња и трудници, па ме радува што најблиските ми ја препуштаат довербата во тие моменти.

Во моите колекции секогаш лежерноста и удобноста имале големо значење, така што поголемиот дел од парчињата се прилагодливи.

Имам работено најразлични туники и фустани по нарачка, кои лесно се комбинираат, го следат дрес кодот на работното место, а прават да се чувствувате модерно, удобно и, пред сè, пријатно.

 

Кои се твоите препораки за комбинирање модни парчиња во бременоста за изгледот преку ден, за излегување, за на работа, за некој важен професионален настан?

Гардеробата нека биде само тивок медиум кој ќе го истакне вашиот труднички сјај.

Купувајте паметно и не плашете се да се консултирате со дизајнер/стилист.

Фотографии од Миладин Паповиќ

You Might Also Like

Нема коментари

    Коментирај