Баланс мама

Родителство од мечти: интервју со Мери Костуранова

Во сликите од нивното секојдневие може да пронајдеме мечтателски ентериери, инспирација, семејна топлина. Мери и Ване Костуранови освен своите уметнички изразувања ги делат и раскажувањето на семејни приказни преку уметност, бои, сонување. Од сѐ срце и благодариме на Мери за овој искрен разговор во кој таа ни открива дел од нивната улога како родители, партнери и балансирање помеѓу семејниот и професионалниот живот.  https://www.instagram.com/merikosturanova/

 

Кога се работи за раскажувањето на приказната семејство и дом, каде завршува Мери, а каде почнува Ване, и обратно?

Не постојат строги граници во однос на улогите кои ги имаме, кај нас тоа е многу флуидно и преплетено. Може да се каже дека природно се случи јас да ја имам главната улога во воспитувањето и растењето на децата, меѓутоа се случува многу често оваа улога да ја преземе и Ване, кога јас се чувствувам прегорено и самодовербата ми е ниска. И мислам дека и не може да биде поинаку, доколку станува збор за вистинско партнерство.

Вашиот дом навистина личи на едно мечтателско, сонувачко катче. Колку внимание е потребно да се создаде и врз кои принципи и вредности е изграден?

Нашиот дом се гради и добива нови форми во континуитет повеќе од 18 години. Целосно несвесно и ненамерно, приказната за домот ја следи и нашата заедничка приказна со Ване. Тоа што во овој момент изгледа мечтателски и сонувачки е затоа што нашите животи во периодот откога ни се родија децата се така симпатично необични, и малку магични. Лајтмотив на нашата естетика, која ја имаме формирано низ годините, е скандинавскиот дизајн и минимализам, многу бели и отворени површини, многу уметност и бои на ѕидовите и многу играчки на подовите. А топлината и шармот или ги има, или ги нема. Ама тоа најмногу зависи од домаќините 🙂

Како започна твоја приказна со везењето? Навистина ми се допаѓа што му даваш еден модерен автентичен потпис на традиционалниот занает. Кои инспирации во везењето се изворно твои?

Ти благодарам! Приказната со везењето почна како обид да се одржам ментално здрава, откако се најдов во ситуација кога одеднаш не работев и немав професионални ангажмани. Во исто време, не сакав да работам по секоја цена, па пробав да останам отворена и будна, со надеж дека тоа ќе ми помогне да го препознаам тоа што следно сакам да го правам. Везењето целосно ме обзеде уште во првиот момент, иако беше мошне тешко и комплицирано да се набават материјали за везење. Мислам дека не постои нешто посмирувачко од везењето. Засега, главна инспирација ми се сликите на Ване, како и уметноста на многу други ликовни уметници. Мојот потпис, мојата автентичност, јас ја гледам во секој бод на платното.

Во кои ситуации, пристапи, начини на воспитување и дружење со децата не практикувате компромис?

Нема компромиси за насилство и агресија во која било форма.

Вашата работа и уметнички израз се чини дека продолжува во сите аспекти на вашиот семеен живот. Колку е едноставно или тешко да се балансира тоа во секојдневието?

Не е тешко, ако таа уметност е искрена и автентична. Кога го живееш тоа што го пропагираш.

Дали сте од оние родители кои сакаат своите деца да ги носат насекаде со себе или сакате да имате време исклучиво за вас двајца?

Имаме среќа што не мораме да ги носиме децата насекаде со нас, зошто имаме две прекрасни баби кои се активно вклучени во растењето на нашите деца. И покрај тоа што поминуваме многу време со децата и целосно сме посветени на нив, сметаме дека е повеќе од потребно да имаме време само за нас, да се дружиме само со возрасни и да зборуваме/правиме возрасни работи.

Што те научи мајчинството ? Што те научи татковството?

Мери: Ме учи нешто ново речиси секојдневно, но најважната лекција е тоа што научив дека детето уште од раѓање е личност која ја заслужува нашата целосна почит. Почит уште од првиот ден. Ако се однесуваме кон децата со почит како што се однесуваме и кон возрасните, тогаш мислам дека ќе создадеме генерација деца со почит кон другиот, емпатија, пријатно чувство за себе, деца со висока самодоверба и (само)критичност.

Ване: Ме научи да посегнам по најдоброто во себе.

Која е една од вашите омилени случки, приказни, искуства како семејство?

Не можам да се сетам на некоја конкретна ситуација, или случка, ама се сеќавам на многу утрински гушкања, ноќни читања книги и разговори без крај. Ги сакам и сите предизвици на вадење крв, или посета на заболекар, моменти кога сме биле таму еден за друг.

Каква е развојната фаза од родител „апсолутен почетник“ до родител кој има самодоверба?

Сите ние во суштина сме родители какви што ни биле нашите родители. Тоа е таа научена матрица, која може да биде апсолутно погрешна. Јас мислам дека успеав да излезам од таа матрица кога почнав да чувствувам длабок срам и каење за тоа како сум се справила со одредена тешка ситуација со моите деца. Тоа се повтори неколку пати и сфатив дека јас не сакам да бидам таков родител. Почнав интензивно да читам за позитивни методи на воспитување и ја пронајдов работата на Магда Гербер и Емили Пиклер, пренесена од еден американски блог на Џенет Лендсбери. Читав многу и секојдневно се изненадував колку тие принципи успеваат. И така, со некоја мала, ситна победа на ден ми растеше самодовербата и сè повеќе се чувствував задоволна од себеси. Не дека нема моменти кога си мислам дека јас сум најлошата мајка на светот 🙂

Кое време е најзначајно за да воспоставите пријателски однос со децата? Дали со децата сакате да бидете родители или пријатели?

Секако дека првите 5 години се клучни за развојот на односот родител-дете, но во секое време може да се воспостави или поправи тој однос. Односот кон кој ние целиме е тоа дека сакаме нашите деца да знаат кои се правилата и дека тие мора да се почитуваат, а ние сме секогаш тука да им помогнеме во тоа.

 

You Might Also Like

Нема коментари

    Коментирај