Концепт мама

Посета на изложба: родителско-детско урбано живеење

Пред да имам дете секогаш го замислував родителството како еден преодреден формат на однесување кон своето дете, кон околината и кон својата сопствена личност. Ваквата перцепција и до денес во многу ситуации ја предизвикувам и се учам да живеам со еден поинаков пристап: дека родителството, во суштина е продолжеток на оние кои сме. Од таа причина, заедно со мојот партнер, се обидуваме да интегрираме дел од нашите „поранешни” навики, да ги продложиме нашите ритуали на урбано живеење.

*За градот за родители, градот на тркала може да прочитате повеќе и на следниот линк http://www.design.mk/arhitektura/grad-za-roditeli-grad-na-trkala/.

Еден од нашите омилени старо-нови семејни ритуали е одењето во музеј и посетата на изложби. Бидејќи секојдневниот распоред секако ни се промени откако ја добивме нашата ќерка, наместо вечерните излегувања засега надокнадуваме со сите варијанти на дневни излегувања и живеења во градот. При посетата на изложбите ние го добиваме вкусот на урбаната разновидност, а нашата ќерка нови искуства и доживувања. Од 3 до 14 месеци покрај повеќезначните слоеви впечатоци од цртежи, простори, сценографии, звуци, бои, слики и активности, ова се моите омилени водилки за посета на изложба со своето дете:

Следи го ритамот на спонтаноста

Со децата ретко може сѐ да се испланира до совршенство. Оставете простор да се менува планот, сфатете ги новите ситуации и предизвици како игралиште за креативни решенија. Освен што децата нѐ учат да се снаоѓаме во нови улоги и да излеземе од зоната на комфорот, ни покажуваат еден чудесен свет кој треба да се живее во моментот сега и тука.

…Но имајте и подготвени џокери!

Правилото е, никогаш не излегувајте од дома без пакетот со „основните”. По неколку месеци товарење на количката како да е куфер со дозволени 20 килограми, решивме еден ден да застанеме и да направиме проценка што навистина ни треба. Не премногу. Торбата со 2-3 пелени, марамчиња, ужинка, вода, една резервна облека е сосема доволна (не мора од сѐ помножено со 3). Играчки секако не ви се потребни, секогаш може да ја користите самата изложба и простор во музејот.

Затоа разговарајте!

Внесувајте го детето во значењата на својот свет, покажувајте му, истражувајте, обрнете му внимание на некои места да го задржи подолго вниманието, а и трпението. Детето е своја личност и има свој начин на размислување. Не го губете лесно трпението и пробувајте различни начини на комуницирање.

Кога детето изгледа незадоволно размислете дали е во прашање одредена потреба или неговиот биоритам. Ни се случило многу пати до сега во периодот кога ја разгледуваме изложбата, нашата ќерка всушност да спие во количката. Бидејќи вообичаено спонтано одиме на изложбите, имаме различни ситуации. Доколку спие тие моменти ги користиме за кафе, разговор, малку простор и време за нас двајца. Ако сакате точно да испланирате детето да не ја пропушти изложбата, скокнете го времето кога вообичаено спие или пробајте да не комбинирате премногу активности претходно.

Искористете ја сценографијата на изложбата како нова средина за своето урбано живеење. Една од причините зошто ритуалот на посета на изложба е дел од моето живеење се новите и поинакви начини на размислување, како да постои рефлектирање од делата во себе, од себе во своето дете, од своето дете во себе. Раскажувајте му на детето приказни, барајте заедно детали, цртежи, бои, звуци, слики, скриени простори, нека ве учи одново како да ги дизајнирате своите мисли и да го гледате она што е важно во вашиот свет.

За крај една семејна фотографија, една од нашите први изложби на Рене Магрит. 

Следете нѐ на инстаграм https://www.instagram.com/konceptmama/

Кои се вашите искуства за одењето на изложба со своето дете?

Пишете ни во коментар !

Ваша,

Концепт мама

You Might Also Like

Нема коментари

    Коментирај