Концепт мама

Извадок од книгата „Концепт мама“ : За идните „Концепт родители“

***

Би сакала да ви објаснам што ме натера да ја напишам оваа книга. Едно попладне, заедно со сестра ми ја чувавме Sвезда, која имаше само еден месец. Јас бев целосно исцрпена, и физички и емотивно, а покрај тоа постојано се борев да изгледам како да можам да направам сѐ. Пишував текстови, правев скици и цртежи, читајќи низ своите книги споделував некој „нов пронајдок“ за тоа како треба да се однесува мајката или таткото, што сѐ треба да се направи за бебето да се згрижи во целосна љубов. Знаев дека сѐ беше подготвено да се промени. Дека сѐ веќе се променило.

„Многу е важно на почетокот мајката и бебето да поминуваат време ‘кожа на кожа’.“

„Зошто не го напишеш ова? Знаеш на колку мајки им треба таква книга?“

 

Сестра ми имаше право. Овој ракопис ми беше како најдобар пријател со кој заеднички ја градев својата самодоверба и идентитетот како родител. Тој ми помогна да ја надминам болката од породувањето, да почнам природно да го користам зборот мама за себеси, да читам постојано за да сфатам дека не сум осамена во своите поинакви размислувања, да пишувам за она што ме преокупирало, ме радува или ми тежи и да наоѓам начини да го пронајдам сопствениот идентитет како мајка во современото општество.

Да најдам начин како да направам мост помеѓу најдоброто што го сакам за моето дете, најдоброто за мојот сопруг и најдоброто индивидуално за себе.

Уште една есенцијална вистина. Книгата ми беше понекогаш неопходна како воздух за да успеам да се справам со своите чувства и со физичката истоштеност. Истовремено, додека минував низ процесот на пишување, кон самиот крај на ракописот сфатив колку јас целосно ја сакам својата нова улога и дека ги ценам сите искуства и промени што ми се случиле во овој период. Во меѓувреме, јас сум станала Концепт мама.
Притоа, она што го научив е дека нашиот идентитет како родител црпи инспирација од сите фази на создавањето на новиот живот – пред зачнувањето, од бременоста, од породувањето, раѓањето и од растењето. Да се биде родител значи и да се прифатат новите ситуации како случувања во динамичен процес – за родителите раѓањето на детето претставува и нивно ново раѓање. Поради таа причина, за заеднички да се созрее важно е да се даде доволно простор да се прифатат процесите на раст како двојно огледало: со децата се учиме заемно, ние од нив и тие од нас. За жал или за среќа, не постојат готови упатства, туку само можност преку грижливоста и внимателноста да ги препознаеме и да ги негуваме убавината и добрината во своето дете.

***

Купете ја својата Концепт мама книга и дневник на https://letsfundit.mk/Home/ProjectDetails/10164.

You Might Also Like

Нема коментари

    Коментирај