Баланс мама Експерти и совети Концепт мама

ИЗВАДОК ОД КНИГАТА „КОНЦЕПТ МАМА“ : Зошто да се вежба јога во бременоста?

 

Најубавата карактеристика на јогата е тоа што може да ја практикуваме пред бременоста, за време на бременоста, по породувањето, носејќи го своето бебе, доејќи го своето бебе, покрај своето бебе и, подоцна, заедно со него – и сето тоа со позитивни влијанија врз нашето здравје и здравјето на нашето бебе. Таа во нас создава моќна подлога за сите трансформации низ кои треба да поминеме за време на бременоста и мајчинството. Не, не се работи за тоа дека треба да примениме којзнае колку комплицирани методи на своето тело за тоа да се снајде во овие – повторно ќе нагласам – природни процеси.

Всушност, со јогата само како да се потсетуваме на нашето природно јогиско битие кое сме започнале да го оформуваме од времето кога сме биле бебе. По раѓањето на своето бебе, честопати ќе можеме да забележиме како тоа природно се поставува во јогиски позиции и зазема мудри (гестикулации со рацете). Овие позиции тоа ги прави несвесно со премините од лежење во седење и во стоење, односно во постепениот начин на созревање и растење на телото. Повеќе студии зборуваат за тоа дека, кога сме бебиња, ние веќе сме „испечени“ јогини, способност која, за жал, исчезнува со годините поради различностите во животниот стил денес. Можеби и сте забележале дека на првите часови од вежбањето јогата ја доживуваме многу познато, како да носи сеќавање од некој друг период од нашиот живот.
Во студија направена за систематично оценување на влијанијата на јогата во бременоста, докажано е дека таа создава намалување на нивото на стрес, квалитетот на животот, помага во создавањето врски со себеси, го поддржува автономното функционирање на нервниот систем и ги олеснува параметрите на раѓањето како комфор, болка и времетраење. Пренаталната јога ни помага да бидеме грижливи кон себеси и своето тело, да ја задржиме својата кондиција, постепено да градиме доверба кон телото кое ни се менува и да можеме да го слушнеме своето внатрешно јас. Вежбајќи, ние се заложуваме со љубовни мисли и преку нив го милуваме своето неродено бебе. Со движењата и медитацијата комуницираме, танцуваме и стануваме сѐ посвесни дека сме заедно со него.

***

Поддржете не и купете ја својата „Концепт мама “ книга и дневник на https://letsfundit.mk/Home/ProjectDetails/10164.

You Might Also Like

Нема коментари

    Коментирај