Експерти и совети Концепт мама Некатегоризирано

ИЗВАДОК ОД КНИГАТА „КОНЦЕПТ МАМА“ : Како да препознаеме кога е вистинското време да одиме во болница?

Кога ќе започнат контракциите, пробајте да не ја исцрпите нагло целата енергија со страв, стрес и паника бидејќи таа ќе ви биде потребна низ целото времетраење на проодувањето. Движете се, пешачете, испечете колачиња, препорачливо е да не легнувате во кревет или да седите, бидејќи ќе ви биде потешко. Пијте многу течности: вода, природни сокови, смуди, лимонада, јадете вистински калорична храна, домашно направени мусли-барови, интегрални зрна комбинирани со овошје или слично (храна која лесно може да се дигестира). Јавете се во болницата да најавите дека имате одредени знаци доколку сте несигурни, но не брзајте. Контракциите, особено кај жените што се породуваат прв пат, може да траат многу долго, а доколку отидете во болница ги зголемувате шансите од различни медицински интервенции. Многу од жените практикуваат да останат дома и поради тоа што се чувствуваат поудобно да се справат со болките во познат, домашен контекст. Стандардното правило за контракциите е 5-1-1, што значи дека треба да појдете во болница кога контракциите се раздалечени 5 минути, траат 1 минута и сето тоа се случува во времетраење од еден час (некои болници имаат и правило 4-1-1 и 3-1-1). Доколку почувствувате некој од следните симптоми: крвавење, мачнини и повраќање во подолг период, неможност да почувствувате движење на бебето подолг период (претходно пробајте да се напиете студен пијалак или размрдајте се за да предизвикате движење), имате неподнослива болка, чувствувате потреба да туркате или имате чувство дека бебето ќе излезе, имате заматен поглед или вртоглавица – задолжително е да тргнете кон болницата.

Многупати кога зборуваме за породувањето се користи симболичната споредба со трчање маратон или искачување на планински врв. За да го поминеме целиот процес ни треба постепено да ја користиме нашата физичка подготвеност, кондиција, да практикуваме фокусирано дишење, да се движиме, да менуваме позиции, да медитираме и да се обидуваме, колку што можеме, да се релаксираме. При породувањето, тешко е да се предвиди колку време ќе трае целиот процес. На некој начин, ние се искачуваме кон планинскиот врв и трчаме кон целта, но времетраењето не ни е однапред прецизно дадено. Според тоа, отпуштајте се постепено и во дијалог со себеси, во длабока внатрешна свест. Обидувајте се да го правите тоа во сопствените мерки, со благодарност и нежност кон себе. Не сте единствената жена на светот која се нашла во толку ранлива состојба, потсетувајте се дека не сте сама. Кога доаѓа болката – дишете, повторувајте си дека ќе помине, чувствувајте ја како бран што ви помага да ги поминувате попатните станици до средбата со вашето бебе. Ова не би требало да е тешкотија на почетокот на периодот со контракции. Потешко е да останете фокусирани и свесни подоцна, кога контракциите се интензивираат и се случуваат на пократок период.

 

Потсетувајте се дека вашето тело е во соработка со вас уште од почетокот на вашата бременост, дека тоа знае што прави, дека и вие знаете што правите, дека секоја болка е потребна како водилка да се оствари средбата помеѓу вас и вашето дете. Вие сте дизајнирани од природата за овој чин и процес и го имате во себе она што е потребно за да го изминете ова патување. Кога се чувствувате соборени од болката, обратете му се на својот партнер, на дулата, на медицинската сестра, на бабицата или на член од својата фамилија. Проектирајте си во себе приказна која ги осознава таинствената енергија и моќта на жената при раѓањето. Пронајдете омилена приказна од породувањето:

 

„Една од моите најважни задачи за подготвување беше да ги разгледам сите алтернативи. Колку долго е предолго во породувањето? Колку долго треба да ѝ се препуштам целосно на болката? Колку време е потребно за да му се даде шанса на породувањето? (…) Како ќе знам дека е време да побарам медицинска помош? Сакајќи да ги избегнам линеарните конфронтации на времето, се префрлив на покружна, поблага димензија, замислувајќи ја оваа автохипнотизирачка порака:

 

Ќе истраам во породувањето, колку и да треба да се помине низ неговата порта,

еднакво на тоа да се направи, испече, излади и филува една чоколадна торта.

 

Мојата пријателка Џејни беше воодушевена кога ја прашав да дојде и да почне да приготвува чоколадна торта во моментот кога ќе започне моето породување. (…) Арома на чоколада ја исполни куќата. Мојот осумгодишен син Скај помогна да се филува тортата, додека јас како забавена снимка се убедував себеси да се движам помеѓу тоалетот и идната детска соба на Лук, низ два и пол метри широкиот ходник.

 

Наскоро ја слушнав Џејни: ‘Тортата е готова!’ Погледнав нагоре и ја видов како ја држи. Додека низ глава ми поминуваше – како успеа да ја испече тортата толку брзо?, мислата ми ја пресече интензитетот на нова контракција, и уште една по неа. По дваесет минути, се роди Лук. Еден од најубавите спомени во мојот живот е токму тој. Џејни, Лук, Скај, Роб и јас седиме околу прекрасната божикна елка со нашата бабица, со новородениот Лук завиткан во неговиот јорган пеперутка, јадејќи ја највкусната роденденска чоколадна торта која некогаш сум ја вкусила.“

***

Поддржете не и купете ја својата „Концепт мама “ книга и дневник на https://letsfundit.mk/Home/ProjectDetails/10164.

 

You Might Also Like

Нема коментари

    Коментирај