Баланс мама Експерти и совети Концепт мама

ИЗВАДОК ОД КНИГАТА „КОНЦЕПТ МАМА“ : Мајката и бебето треба да бидат заедно, тоа е најдобро за мајката, за бебето и за доењето

Бебињата, исто така, го доживуваат породувањето како премин. Тие поминуваат низ исклучително голема транзиција помеѓу два сосем различни контексти. Веднаш по породувањето, се наоѓаат во средина во која ја нема удобната топлина на мајчиниот стомак, за прв пат земаат здив, не се веќе заштитени и треба да почнат да користат сосем нови функции на својот организам. И покрај оваа транзиција, лекарите и медицинскиот персонал честопати не ги пречекуваат внимателно и сензитивно, ги вадат и земаат грубо со рацете, ги потчукнуваат, рутински започнуваат со прегледите. Францускиот гинеколог Фредерик Лебоер е меѓу ретките лекари кои ги земаат предвид и чувствата на бебето. Во својата книга Раѓање без насилство тој ја раскажува приказната од перспективата на бебето, кое се раѓа и повикува на нежен пристап. Неговиот „Метод на Лебоер“ се состои од затемнување на собата во последната фаза од породувањето, тишина и предавање без одложување на бебето на мајката, негово поставување врз неа за да можат да го остварат чинот „кожа на кожа“ (вообичаено, во болниците по породувањето бебето се зема да се исчисти, му се прават прегледи, се затоплува, му се даваат лекови). Во едно интервју Лебоер го искажува својот став и за породувањето: „Сите бремени жени се исплашени, јас искрено верувам во тоа. Секоја жена треба да го признае својот страв и да погледне од што навистина се плаши. Само тогаш таа може да започне да се справува со него и да го прегрне физичкиот предизвик на породувањето“.


За време на бременоста, мајката и бебето се директно поврзани. Тие се организам во организам. Бебето дише, се храни и се развива преку својата мајка. Нормално е дека по самото породување тоа не може наеднаш да се раздвои од неа, да го совлада едноставно раскинувањето на оваа врска. Прилагодувањето на новиот формат на нивната поврзаност бара внимание, љубов, време, трпение, но и многу близок контакт, во кој бебето и мајката ќе можат да се чувствуваат како едно и да закрепнуваат заедно и физички и емоционално. „Мајката и бебето имаат физиолошка потреба да бидат заедно во моментот на породувањето и во часовите и деновите потоа. Овозможувањето на мајките и бебињата да бидат заедно е безбедна и здрава практика на породување. Доказите покажуваат дека непосредното остварување на контактот „кожа на кожа“ по вагиналното породување и по царскиот рез треба да се практикува за сите здравствено стабилни мајки и бебиња, без разлика на желбата за видот на хранење (доење или не).“

Поддржете не и купете ја својата „Концепт мама “ книга и дневник на https://letsfundit.mk/Home/ProjectDetails/10164.

You Might Also Like

Нема коментари

    Коментирај