Инспирација

ПРИКАЗНИ ЗА МАЈЧИНСТВОТО: Патување со авион

Тоа беше нашето прво патување заедно – мое и на Аурора. Утрото станав навреме, но како и секогаш нешто искрснуваше до последен момент, па дури и кога веќе требаше да тргнеме, трчав од соба во соба како мува без глава… Ја носев во раце зашто го заборавив кенгурот. Маж ми пцуеше по пат и шибаше по серпентините. Откако излеговме од кола, Аурора поврати, а и мене ми се лошеше. Кога аеродромските службеници ја видоа, рекоа: „Не се секирајте, ако треба за неа повторно ќе го отвориме чек-ин каунтерот!“ Со некакво чудо, се сместивме на нашето седиште. Можеби инфантилно, но ја крстив по Дизниевата „Заспана убавица“, иако и латинското значење ми се допаѓа, секако… Во тој контекст помислив колку би било убаво веднаш да заспие, па да се разбуди кога ќе ја бакнам, откако ќе слетаме. Бебешкиот сигурносен појас што ни го дадоа не ми влеа доверба (требаше да мислам на тоа кога одлучив да цицијашам за додатна карта, ама кој да влече по пат седиште за автомобил). Се сетив на сцената од Пиксаровите „Неверојатни“, кога авионот во којшто беа мајката и нејзините деца почна да паѓа, па таа метаморфозира во падобран, а по слетувањето – во глисер, за да ги одвезе на безбедно. Поцврсто ја стегнав Аурора. Како што авионот се придвижи, и таа се распретка. Се обидов да ја дојам за да не ја заболат ушите, но нејќеше. Како и секогаш кога нешто не ѝ беше по волја, почна да плаче… и не престана. Безуспешно ѝ нудев дојка и играчки. По толку врескање, како и вчудоневидени коментари од другите патници, и јас почнав да плачам. Сите излегоа, а кога една стјуардеса забележа во каква состојба сме, пријде и ја зеде Аурора, која ѝ се фрли во прегратка! Веднаш се смири и разочарано ме гледаше како плачејќи каскам зад нив.

Шифра: Елена

https://konceptmama.mk/?p=284

You Might Also Like

Нема коментари

    Коментирај