Баланс мама

Баланс тандем: Палачинки со боровинки и воведно видео во аштанга јога

Додека работиме на тоа здравата исхрана и спортувањето да ни станат интегративен дел на секојдневното живеење, а не предизвик, решивме во категоријата Баланс мама да споделуваме програми за вежбање и рецепти кои можете да ги применувате во вашето секојдневие. Од исклучителна важност е постојано, а особено во периодите на бременоста и потоа во родителството да внесуваме храна која дава енергија и да практикуваме вежби кои даваат енергија. Го знаете оној момент кога јадете ”нешто што не треба” и кога на вашето дете му давате да јаде нешто здраво, тоа сака нешто од вашата чинија, а вие велите не? И самите знаете дека не е еден од вашите славни моменти. Го чувствувате заморот, што од секојдневните обврски, од работа, од енергијата на децата која не можете секогаш да им ја возвратите? Колку помалку вежбате и применувате физичка активност, толку помалку енергија имате, а да не го спомнуваме чувството на вина кое секогаш лебди во меѓупросторот. Од таа причина, во случај кога треба да почнете со повеќе промени ви предлагаме да почнете со мали чекори. Секое вежбање, дури и она што трае 10 минути, а е консеквенто е значајно, секое воздржување од внесување храна која само ви го крева шеќерот, а потоа ве спушта е исто така значајно. Да направиме мали чекори заедно.

Од исхрана денес ви ја издвојуваме универзалната палачинка. Велам универзална, зошто таа ја имам правено низ бременоста, по породувањето, како една од првите храни на моето бебе и сѐ уште е составен дел од нашите доручеци, барем еднаш во неделата. Најубавото нешто од сѐ, е што е храна која дава вистинска енергија. Тестото го подготвувам во блендер. Да, во блендер, искрено не знам како би преживеала без блендерот 🙂 Во него често ми се случува да миксам од смути до палачинки до торта. 🙂 За брашното користам 6 вида на зрно измешани (овес, јачмен, пченица, рж, просо и хељда, варијанта на тоа е овес или рж, сами или во комбинација, може да пробувате различни варијанти). Варијанта на брашното од житарици е брашно од бадеми, само имајте во предвид дека палачинките ќе бидат така исклучително хранливи. Зрната се мелат во блендер непосредно пред да се прават палачинките. Потоа во чашата додавате малку вода (по чувство), една лажичка кокосов путер, една банана (или две) и малку цимет. Во некои варијанти додавам и боровини (топло препорачувам), а некогаш наместо банана ги имам направено и со ананас, јаболко, праска, кајсија. Но, бананата им дава одлична структура и наликуваат на американски палачинки, а во суштина се веган! Сето тоа се блендира заедно. Потоа се ставаат во тава со малку масло и се прават. Една варијанта на овој рецепт може да видите тука: https://www.jamieoliver.com/recipes/fruit-recipes/vegan-blueberry-pancakes/. Бидејќи палачинките се веган, тие се супер варијанта како една од првите храни на бебињата.

За вежбање оваа недела ви препорачуваме едно видео со почетна серија на Аштанга јога вежби. Иако пишува почетно, видеото мислам дека би го сместила во некое ниво погоре. Нејсе, како и секогаш најубавото во јогата е да научите и кога ви е потешко, да направите пауза, да си дадете простор, но и да се потурнете, да си дадете доволно време за движење и вежба-танцување за да почувствувате како давате и добивате енергија. Оваа недела запомнете дека не е важно дали ќе биде вежбањето 30 минути, еден час или подолго, важно е да почнете секој ден да правите по малку (или малку повеќе доколку веќе имате рутина). Секое ваше трудење да внесете вистинска енергија преку храната и вежбањето ќе ви се врати со нова внатрешна енергија. Оваа недела работиме на создавање на нова рутина на внесување вистинска енергија. За да може да ги почувствувате вистинските благодети на јогата ви препорачуваме да најдете курс, уште поважно свој учител кој ќе ве води и со кој ќе можете редовно да вежбате.

Баланс, мама!

Ваша,

Концепт Мама

You Might Also Like

Нема коментари

    Коментирај