Баланс мама

Дом со нула отпад прва недела

Како да ви опишам како се чувствував кога ја завршив „Дом со нула отпад” на Беа Џонсон… Ајде да почнеме од тоа како се чувствував некаде на средина на книгата. Се изнервирав. Прво ме фати паника од сето тоа ѓубре кое секојдневно го продуцираме, второ си реков ама чекај сакам уште ова, она, ова, она да си купам, трето си реков ок, ама некои од овие работи ние веќе ги применуваме…Ја оставив книгата, излегов надвор, бев да купам поклон за сестра ми. Чудно, но почнаа да ми одѕвонуваат работи во главата, ја земам чашката од кафето за носење ми зборува Беа Џонсон во главата како е многу поеколошки и поедноставно ако си купев една чаша во која повторно и повторно ќе може да се полни кафето, дека чашките од кафето за носење не се рециклираат. Си мислев: јас не користам пластика за една употреба, немам пластичен прибор и чинии. Отворам во фиоката во кујната и што да видам, гледам таков прибор (од каде?), ете ја Беа Џонсон повторно во мојата глава, си повторувам работи прочитани во книгата.

Кога ја завршив книгата патувајќи во воз накај сестра ми донесов одлука. Почнувам. Има дел од насоките во книгата кои веќе ги применуваме, но секогаш има простор за подобрување. Нема да дозволам да бидам заробена во она, а да ок па ние внимаваме по малку, нека внимаваат другите или да се чувствувам како да не можам да направам ништо или немам значење во морето на општеството или заедницата. Одлуката ми стана уште посилна кога пред мене се покажа огромен билборд со делфин на кој устата му е преполна со секаква пластика која луѓето на секојдневна база ја конзумираат без да размислуваат.

Нормално е сознанието за ѓубрето и пластиката насекаде околу нас да ни предизвикаат лутина, можеби и апатичност, но тоа не значи дека сме беспомошни или дека не можеме да имаме улога во целата таа приказна. Како и во бременоста и родителството, информираноста и освествените одлуки го одредуваат нашиот животен стил и нашата моќ како личност во одредена заедница. Инспирирани од книгата, решив дека ќе направиме серија на постови за нула отпад и ќе споделиме со вас што почнавме ние лично да практикуваме или веќе практикуваме во нашиот дом. Тоа не значи дека наеднаш сме станале идеални и дека практикуваме сѐ. Како што е убаво објаснето и во книгата секој сам треба да направи одлуки за како да ги воспостави принципте за нула отпад во својот дом.

1.Купување без ќеса, локални овошја и зеленчуци

Ниедна пластична ќеса не беше повредена за време на процесот. Не е дека ова не го правиме постојано, но многу пати ни се случува да купуваме зелечнук и овошје од локалниот супермаркет, наспроти пазарот или локалната пиљара за зеленчук и овошје. Од оваа недела решив дека зеленчукот и овошјето ќе ги купуваме од пиљарата каде произведуваат локално. Двете женички ме пречекаа со насмевка, се израдуваа кога им кажав дека имам торба и дека не ми требаат пластични ќеси и ми помогнаа убаво да ги распоредиме сите продукти во мојата торба. Цвеќето кое го одбрав ми е слабост, сакам да го уредувам домот и да има букет во него. Но, ова ако добро ги разбрав трае подолго и може да стои и исушено. Само грозјето ми го завиткаа во хартија, се друго се распореди во торбата. Нема да пропуштам да пазарам кај нив. За важноста на јадењето локална храна може да прочитате и во книгата Концепт мама.

2. Разградливи ќесички за био-отпад и компостирање

Во нашиот дом го одвојуваме био-отпадот, но за жал досега го фрлавме во пластична ќеса. Кој апсурд. Денес успеав да најдам хартиени ќесички кои се разградуваат и во кои може да се прави компост. Бидејќи живееме во стан уште не ми е јасно како точно би можеле да го организираме компостирањето, но за среќа имаме био-контејнер. Во меѓувреме ќе побарам начини или ако знаете како да организираме компост во стан каде немаме двор би ви била благодарна ако споделите. Во Дом со нула отпад секако има многу корисни насоки и за тоа. Сепак решив да ги правам промените во нашиот дом чекор по чекор, за да бидат постепени и подолготрајни. Секоја промена не треба да ни биде измачување, туку задоволство и уживање дека одиме кон подобро.

3. Складирање во тегли 

Погодете на кого му беше најзабавна оваа активност? Додека јас ги празнев пластичните обвивки во стаклените садови, заедно со мојата ќерка ги учевме имињата на житариците, мешунките. Не појдов денес на пазарење со тегли, но тоа ќе го направам следниот пат, зошто ако едната половина на масата изгледаше толку неверојатно со сите зеленчуци и овошје, другата ми се преполни со опаковки. Нели ви се случило по едно пазарање да треба да наполните ќеса само со пластични пакувања од производите кои сте ги купиле? Решивме дека ќе се потрудиме тоа да ни се случува се поретко.

Се гледаме наредната недела повторно 🙂 На крајот ве оставам со мислата од крајот на книгата:

#домсонулаотпад #zerowastehome
„Да се има или да се биде? Што ќе им оставиш ти во наследство на следните генерации?”

(Книгата Дом со нула отпад е достапна во книжарница Или Или и Литература.мк, за повеќе информации може да ја посетите и страницата https://www.facebook.com/odnuladonula/)

You Might Also Like