Концепт мама

КОНЦЕПТ МАМА РЕЧНИК: Латеродители

 

Терминот или феноменот latteparents е воведен во Нордиските градови и се користи да опише родители кои со количките и бебињата седат во кафулиња и пијат високо квалитетни кафиња – живеат и практикуваат модерен урбан стил (за попрецизно дефинирање на термините латетатко и латемајка, како и нивните разлики може да прочитате во Поглавјето 13. Латеродители: град за родители во книгата Концепт мама). Латетатковците го градат урбаниот пејсаж на Нордиските градови и зборуваат за голема општествена промена како и за капацитетот на еден град да ги смести родителите како активни учесници во секојдневието на градот. Латетатковците се директен резултат на Шведското породилно отсуство, едно од најпрогресивните во светот. Шведската власт одредува родителите од двата пола да имаат 480 дена (16 месеци) платено породилно отсуство и 80% од платата која ја земале претходно. Дополнително на тоа имаат бонуси за близнаци и е задолжително татковците да земат дел од породилното отсуство. Деновите можат да се искористат додека детето наполни 8 години. (Види повеќе на: https://www.weforum.org/agenda/2018/04/sweden-is-apparently-full-of-latte-dads-carrying-toddlers-and-its-a-sign-of-critical-social-change/).

Присуството на татковците секојдневно во јавниот простор на градот и нивните навики (како седењето во кафулињата и пиењето кафе со своето бебе) влијае на тоа како ќе се развива градот и дали ќе нуди повеќе или помалку варијанти на урбаното живеење како родител. „Станувањето родител може да биде вистинско просторно и егзистенцијално преговарање помеѓу животот во микрокосмосот (домот) и макрокосмосот (градот).” Слободата и можноста за движење низ градот како лице со „посебни” потреби и изедначувањето на таквите потреби со можностите и потребите на останатите граѓани кои полесно можат да се движат, се доживува поинаку кога и самите стануваме дел од некоја од тие специфични групи. Достапноста, алтернативите и лесно пристапните места низ градот за луѓето со попречени можности, мајки и татковци со колички, деца, велосипеди, пензионери создава нови рути и мапи на движења. Изедначувањето на можностите за „посебните” групи на граѓани со можностите на „другите”, го дефинира степенот на инклузивност на еден град. На пример: мајката или таткото со бебе ја создаваат својата патека при што првенствено размислуваат каде би имало попатни станици за бебето да се пресоблече , каде би можело да се направи пауза за да се нахрани или да се најде место за одмор. Постоењето на таквите можности во урбаниот контекст го прават градот вистински употреблив, а намалувањето на грижата и размислувањата околу таквиот тип места им олеснува на граѓаните да ја доживеат згриженоста за соодветен живот во самиот град во случај во иднина да се најдат во иднина во профилот на мајка, татко, пензионер, лице со посебни потреби. (види повеќе на: http://www.design.mk/arhitektura/grad-za-roditeli-grad-na-trkala/)

За време на истражувањата кои ги правев за пишувањето на книгата Концепт мама, наидов и на друга страна од навидум совршената слика за Латеттатковците во градот. Во истражувањата на Јохана Лилиус многумина од нив истакнуваат дека се соочувале со многу тешкотии на почетокот на родителството: преминот од работен режим во домашен режим, сето тоа време и немањето време, изолираноста од останатото општество и пријателите. Во светски рамки постојат многу малку истражувања за тоа како родителите го користат градот за време на породилното отсуство. Што мислите? Дали влијаете на тоа како се користи, развива и планира градот со сопствените активности и движења низ него? Дали и вие припаѓате во групата на Латеродители?

Види повеќе и на https://www.fatherly.com/love-money/sweden-latte-papas-paternity-leave/.

Илустрации од https://www.instagram.com/victoriaball_/

Поопширно објаснување и истражување на поврзаноста помеѓу планирањето на градот и улогата на родителите во него може да прочитате во последното поглавје на книгата Концепт мама.

 

 

 

You Might Also Like

Нема коментари

    Коментирај