Баланс мама

ДОМ СО НУЛА ОТПАД ВТОРА НЕДЕЛА

Поминаа неколку недели откако започнавме да го преформатираме домот според принципите на Нула отпад и морам да признаам дека не е секогаш лесно. На моменти ми се чини дека и покрај сѐ што се обидуваме да направиме, од секаде, невидливо како да се создава отпад :/. Дури и при првите моменти на расчистување и намалување на предметите, облека, ситници во домот може да се обесхрабриме. Ние практикуваме минимален начин на живеење, но и покрај тоа деновиве ми се чини како да имаме премногу од сѐ. Сепак за да се применат некои од принципите на Нула отпад треба време и консеквентност, така што остануваме на нашата мисија 🙂 За оваа недела решив да споделам со вас неколку практики кои се поврзани и со реупотреба, подарување на отпадот и свесно размислување при самото купување.

  1. Улична кутија

Ритуалот на подарување на она што не ни е веќе потребно, а се уште е употребливо ми е еден од најсимпатичните начини на живеење во градот. Сѐ што мислите да го подарите може да го ставите во една картонска кутија и на неа да напишете дека е за подарок или дека може секој на којшто му е потребно нештото да го земе. Ова ми се чини е многу урбано-социјална традиција и има компонента на размислување за заедницата во која се живее, наместо тоа што сѐ уште е употребливо да го ставите во црната ќеса и да го фрлите во контејнер. Минатата недела направив избор од неколку играчки, книги, стари тефтери, чаши и украси за декорација кои ги оставив во картонска кутија пред нашата зграда. По 1-2 часа веќе ги немаше, а јас си ја земав кутијата назад. Подоцна најдов оставени чаши пред локалното кафуле кое го затворија. Имаше секаков вид на чаши и успеав да си земам за дома некои од тие што ни фалеа (за вино, не премногу, за да можам да го следам правилото на одржување баланс на бројот на нештата во домот). Значи за време на расчистувањето на домот подгответе кутија наместо сѐ да фрлите. Повеќето од работите што вообичаено ги фрламе може некој друг да ги употреби. Може да размислите и за приклучување кон или организирање на пазар за работи со втора употреба, vintage market (дел од работите ги задржав бидејќи се пријавив за vintage пазар во градинката).

2. Реупотреба

Тука доаѓаме до следната точка, а таа е реупотреба. На истиот начин успеав да најдам голема врамен принт на град од Икеа. Најпрвин поминав покрај неа и не ја земав, подоцна дојде мојот сопруг кој исто ја погледнал и ја земал. „Може нешто да нацрташ врз неа”- ми рече. Поттикната од оваа идеја во неделата заедно со мојата ќерка ја префарбавме целата, нацртавме врз неа дијаграми и скици на животни. Пред некое време ги гледаше цртежите на Миро и во нив наоѓаше различни значења и мислев дека ваквите цртежи ќе и се допаднат. Ја оставив да ужива во хаосот од бои и вода. Сликата ја сместивме во детската соба каде има еден параван кој не изгледа убаво и секако сакаме да го покриеме. Голем дел од работите што вообичаено ги фрламе може да се реупотребат. 

 

3. Свесни избори и свесно купување

Ова е веројатно тема за која не може да се пишува само во една точка. Но, се повеќе се трудам да размислувам кога купувам. Да, тоа одзема малку време, меѓутоа сметам дека тоа време се враќа во вредноста на домот и она што го одбираме како наше опкружување. Кога мислам вредност не мислам на скапи предмети, облека, храна. Се обидувам да размислувам за тоа од каде доаѓа продуктот кој го купувам, кој е неговиот квалитет, дали е од природни материјали, локално потекло, дали поддржувам млад дизајнер или претприемач со тоа што го избирам и поддржувам неговиот/нејзниниот продукт, дали содржи штетни хемикалии, дали материјалот може да се рециклира, дали е квалитетно изработено. Свесното купување значи свесно одбирање, купување со фокусирање и без притисок на одредени реклами, фактот дека и некој друг го има тоа, дека е одреден празник во годината, дека така прават сите. Голем дел од работите што вообичаено ги фрламе се купени во недостиг на свесни избори и свесно купување. 

Дали практикувате некои од принципте на Нула отпад? Што би сакале да споделите од Вашите искуства?

 

 

You Might Also Like