Инспирација

Корен и крилја: Интервју со Билјана Станојчиќ

Кога ја читате нејзината книга „Корен и Крилја” се чувствувате како да разговарате со себе и да рефлектирате на она кој сте како родител, на односот со своите деца, но и како некој да ви украл дел од мислите и ги запишал на сосема сензитивно – цврст начин. Придружете ни се во разговорот со Билјана Станојчиќ чијашто книга можете да ја најдете на следните линкови англиска верзија и српска верзија.

Во кој период од својот живот ја пишуваше книгата „Корен и Крилја” и кои се некои од пораките, чувствата кои сакаш да ги пренесеш со оваа книга?

Кога бев мајка само на едно дете, син ми Никола, повеќе уживав и чувствував потреба во читањето. Кога ја родив и ќерка ми, Невена, почувствував потреба да бидам дел од заедница, но и да ги поделам сознанијата што ги стекнав. Бидејќи немав време, долго пишував само во мислите. Потоа успеав да одделам време за пишување, од сонот, и го основав блогот Змајка на www.zmajka.wordpress.com. Пишував многу лично за чувствата, мислите и постапките кои се јавија во мене како мајка. Поради тоа, блогот брзо стекна голема читаност. Како што созревав, созреваше и мојот стил, набргу материјата којашто ја пишував стана преобемна и стилски повеќе соодветна за книга. Така ја напишав и електронската книга „Корен и Крилја” – почит во семејството, силни деца.

Во книгата ги давам основните информации за родителските стилови, што му е неопходно на секое дете за здрав развој, кои се посакувани и непожелни родителски постапки. Подеднакво важно, родителите во книгата ќе најдат разбирање и поддршка.

Колку им е потребно на родителите да се образуваат за родителството? Од друга страна колку мислиш дека е важно самите родители да се слушнат себе си и да проценуваат ситуации според своето чувство-интуиција?

Едно без другото не може, бидејќи секој родител прво треба да погледне во себеси за да сфати во кои аспекти треба да се образува, а што повеќе чита, станува посвесен и поосетлив во тој аспект. Родителството не е список правила, туку реален живот и во многу секојдневни ситуаци се потпираме врз своето чувство-интуиција. Таа автентичност е здрава и важна, се додека ги држиме своите граници, а не ги нарушуваме границите на другата личност – детето, како и во секој однос. Тука секогаш треба да имаме доза самопреиспитување, и за тоа ни е потребна литература, увид во некои позитивни примери.

Нашето чувство – интуиција е изградено пред се во нашето детство од односите на родителите со нас. Не е лошо секој од нас да проба објективно да согледа кои постапки се позитивни, а кои не. Тоа всушност и спонтано го правиме кога добиваме деца.

Што е за тебе реално родителство и кои прифаќања и откажувања се потребни за родителството? Дали го доживуваш родителството како продолжеток на развитокот на сопствената личност?

Работите не одат секогаш лесно и романтично. Детето некогаш не слуша, родителите се често некогаш уморни, зафатени, сите сме некогаш нервозни. Соочени сме со разни материјални, здравствени, семејни, општествени и работни предизвици. Сето тоа придонесува да се однесуваме под своите стандарди. Но тоа е истовремено и нашата шанса за раст – мотивирани сме да бидеме подобри личности и постојано сме посочени кон самопреиспитување.

Колкава улога има околината и контекстот на градењето на сопствениот идентитет како родител?

Самиот поим идентитет го подразбира и местото на личноста во околината. Идентитетот го доградуваме со согледувањата што ни се допаѓа во околината, што ни е потребно, а што не ни се допаѓа и би сакале да го смениме. За мене процесот е повеќе личен и базиран врз искуствата во детството и моите родители, и нивните родители. Ме фасцинира кои сè аспекти на личноста се пренесуваат од колено на колено, од памтивек. Тоа историјата ми ја чини многу блиска и реална. Во последниве години невронауката и епигенетиката дојдоа до стаписувачки сознанија за наследувањето. Нашите тела, како матичари, ништо не забораваат, сè вредно запишуваат за следните генерации. Наше е да читаме и да внимаваме што запишуваме за нашите деца.

Пред некое време на твојата Фејсбук страница објави дека се запиша на колеџ за наставници. Што е тоа што те предизвика на овој чекор и какви се почетоците со тоа?

По струка сум филолог, професор по италијански јазик и книжевност. Кон воспитанието и образованието сум насочена отсекогаш, но за овде во Германија, каде што живеам, да можам да работам во просвета, морам (и сакам) да се дообразувам.

Што би споделила со оние жени кои допрва очекуваат дете?

Негувајте ги семејните односи. Не може секој однос да се спаси, честопати сме и огорчени. Но мое мислење е сепак дека секој однос заслужува шанса. Лесно е да се откажеме. Многу поблагородно е, онолку колку што можеме, денес помалку, утре повеќе, да пуштаме рака. Да, тоа значи дека некогаш ќе ни бидат повредени чувствата. Денес децата не растат со широк круг на фамилија и пријатели, секој близок им е драгоцен. А и нас, на возрасните, ни се потребни луѓе.

Бидејќи Концепт мама нуди многу совети за почетокот на мајчинството, јас ќе се осврнам на следниот чекор – градинка. Немојте да правите нешто само затоа што повеќето така прават. Добро размислете во какво окружување сакате да расте вашето дете, испитајте ги сите можности пред да донесете одлука.

Кој извадок од книгата би го споделила со нашите читателки на Концепт мама?

„Кога децата малку ми потпораснаа, најдов работа што ми изгледаше совршено. Сепак, дополнителните обврски и стрес ме доведоа до границите на издржливоста. Моите дечиња полека се адаптираа и се однесуваа особено предизвикувачки, барајќи го моето внимание; а јас бев исцрпена и нервозна. Син ми се однесуваше сè понапорно, а јас чувствував дека во мене расте нервозата: мускулите во вратот и вилицата ми се напнати, дишам тешко, ми станува жешко. Не сакам да пламнам, сакам да останам смирена и силна. Но, следниот пат кога ја турка сестра си или и ја зема куклата или ги расфрла сите чевли, јас го губам трпението.

Викам, како што вика дете кога ќе се сруши кулата од коцки. И тогаш – забележувам презир во неговиот поглед за мојата слабост, разочараност и страв. Се чувствувам поразено и слабо, лута сум на себе за моето инфантилно однесување. Син ми продолжува да предизвикува, а јас го игнорирам. Во мојот глас слушам огорченост и лутина. Се инаетам. Но во тој момент, застанувам. Наоѓам сила да се воздржам. Се потсетувам дека јас сум возрасната овде, а начинот на говор спонтано ми се менува: “Ајде, сине, јас ќе ти помогнам да се облечеш. Фати на работ, отвори, сега преку главата, сега рачето оддолу, така! Сега, другото … ете, готово!”

Ме гледа со благодарност и се опушта. Невообичаено за него, ме гушка. Оди весело да си продолжи со играњето, давајќи ми време и простор да си ја завршам работата.

Не, не попуштив. Собрав сила. Не бев слаба, бев силна. Се вратив на нивото на возрасна личност, мајка. Каква што му е потребна на детето. Не онаа што се инаети и вика, туку избалансирана, самоконтролирана и моќна.

Родителите често се соочуваат со своите чувства на губење на трпението, нервоза, раздразливост, лутина и инстинктивно знаат дека е потребно да го контролираат изразувањето на овие “негативни” чувства за некој да не биде навреден или повреден. Таквите чувства се речиси секогаш насочени кон некого, обично кон послабите, на кои најмногу и требаат благост и љубов. Лутината и љубовта не можат да постојат во ист момент. Детето го чувствува недостатокот на љубов и отфрлањето, односно дека родителот го сака условно, само кога се однесува на прифатлив начин. Условеното дете нема доверба дека родителот ќе му биде поддршка во кризни ситуации, што е цел на родителот. Се чувствува безвредно и недостојно за љубовта на родителот, освен ако труди да ги стекне симпатиите на авторитетните фигури.

Томас Гордон во својата книга “Научете ги децата на самодисциплина” (4) вели дека лутината е секундарна емоција, односно начин на кој реагираме на фрустрација бидејќи не се исполнети некои од нашите основни потреби. Секогаш кога некој нешто бара или посакува, се обидува да подмири некоја своја основна потреба. Основните човечки емоционални потреби се прифаќање, доверба, грижа, простување, љубов, безбедност, поддршка, разбирање и благодарност. Во ситуации кога тоа не е можно или е тешко, лицето може да се запраша која основна потреба му е неисполнета и да ја исполни на прифатлив начин. Меѓу почетокот и кулминацијата на лутата реакција на фрустрација, постои период од неколку секунди, во кои можеме да решиме да не реагираме со лутина.

Лутината не е основно чувство и не се охрабрува нејзиното слободно изразување, наспроти основните емоционални потреби. Потребата од поддршка и разбирање никого не го загрозува, но лутината и гневот – да.“

Ве поканувам да ја следите ФБ страната, кадешто редовно споделувам спознанија, мотивација и хумор.

You Might Also Like

Нема коментари

    Коментирај