Експерти и совети

When the going gets tough: ИНТЕРВЈУ СО Ивана Хаџиванова

Фотографија: Бојан Стоилковски

Со м-р Ивана Хаџиванова од „НЕОКОРТЕКС’’ Центар за Психотерапија, Психодијагностика, Тренинг и Едукација разговаравме за сите оние недоволно често поставувани прашања. Нејзините искрени и отворени одговори на некои од најсензитивните процеси во бременоста и породувањето се продолжеток на тоа кое го претставува таа – вашата десна рака when the going gets tough и како да се справите понатаму со тоа.

Како да изградиме личен став од надворешните приказни, информации и искуства за време на бременоста и раѓањето?

Добрата информираност е апсолутно корисна, особено кога станува збор за посебната психо-физичка состојба – бременоста. Taa си носи свои специфики, кои жената секако треба да ги знае. Но, како и за секоја работа, треба да бидеме критични во однос на надворешни приказни, искуства и слично. Секоја личност е уникатна единка со своја позадина и индивидуалност, што значи дека дел од тие приказни и искуства за голем дел од жените нема да важат, а некогаш знаат и да предизвикаат страв, односно да го зголемат веќе постоечкиот. Значи, препорачувам селективност и внимателна обработка на информациите, читање на кредибилни интернет извори и секако прв извор на информација и консултација да биде професионалец во областа -доктор и други стручни лица, кои одблиску ќе го следат случајот и бременоста. Секој е случај за себе, сите имаме уникатна структура на личност и свои физички особености и здравје. Често се случува едно искуство повеќе личности да го доживеат и да се справат со него на сосема различен начин. Секој со своите капацитети, предиспозиции и избори. Мојот совет во однос на ова е: да се задржат здравите его граници и да не се „лепи на срце“ сѐ што ќе се слушне, да се задржи позитивната мисла и грижата за себе.

Како да научат родителите да се справуваат со грижите? Што кога грижите и стравот ја обземаат целосно личноста?

Низ текот на бременоста кај голем дел од жените се јавуваат анксиозности, панични состојби, депресивни симптоми проследени со несигурности, стравови за иднината и дали сѐ ќе биде во ред. Наближувајќи се до терминот на породувањето нормално е да се појави и страв од самиот чин. На бремената жена во мислите и лебдат многу прашања на кои допрва треба да го дознае одговорот. На пример: Дали ќе биде добра мајка? Дали ќе се снајде и ќе прави сѐ како што треба за новороденото? Дали ќе има млеко? Како ќе реагира другото дете на приновата што доаѓа (доколку е втора бременост)?…

Сето тоа може да направи блага напнатост кај бремената жена која и така е почувствителна на стресни ситуации. Притоа сите сме почувствувале дека и позитивни ситуации може да бидат стресни.

Од друга страна, фасцинантен е фактот дека постои некаков пренос и перцепција на психолошката состојба на мајката од страна на фетусот, иако целосно начинот на комуникација е сѐ уште мистерија, точно е дека мајчиниот стрес и депресивност предизвикуваат покачување на нивото на стрес хормоните, значи неродениот фетус добива хемиски сигнали преку плацентата. Додека тој се развива и расте, го слуша срцебиењето на мајката, ја слуша музиката што му ја пушта и песните што му ги пее, тој собира информации, добива постојано пораки и воедно се подготвува за околината и животот со кои ќе се соочи по своето раѓање.

Од тие причини, стабилноста во емоционалната клима очигледно е важна за сѐ уште нероденото бебе зборувајќи од психолошки аспект. Затоа, во текот на бременоста е многу важна поддршката од партнерот, најблиското семејство и пријателите, секако и од стручниот тим кој ја води бременоста и породувањето.

Истите горенаведени грижи и прашања може да се јават и да перзистираат и по породувањето. Може да се изразени во различен интензитет. Секако дека дел од овие прашања и грижи е нормално да појават кај секој родител, бидејќи родителството го менува човека. Но, доколку станува збор за преплавувачки стравови, ирационални грижи, опсесивни мисли, изразен немир, голема тага и пад на животната функционалност, веднаш треба да се побара стручна помош од професионалец во областа на менталното здравје. Менталното здравје на жената за време на бременоста, апсолутно има големо влијание на развивањето и здравјето на фетусот. Истражувањата докажуваат дека постои директна врска помеѓу количината на психосоцијалниот стрес и подршката што ја добивала жената во овој период, со резултат: намалена телесна трежина на новороденото и скратување на гестациски период, односно можеби предвремено раѓање на детето.

Дали постои можност да се конструираме себеси за време на бременоста и по раѓањето на детето?

Секако. Станува збор за едно специфично искуство и нова животна улога за која личноста за време на бременоста се подготвува и значително се менува, особено по породувањето и активно влегување во новата улога. Едноставно бременоста и станувањето родител го менуваат човекот, приоритетите, перцепцијата и динамиката на животот во целост.

Што го прави периодот по породувањето тежок за мајката?

Честа појава по породувањето е таканаречениот бејби блуз, односно постпартална тага.

По раѓањето телото повторно рапидно се менува, нивото на хормони паѓа и новото ниво на обврски може да биде супериорно над родилката. Самото породувањето може да биде многу исцрпувачко, а исто и не е лесно родилката да се прилагоди на новите 24 часовни обврски. Покрај ова, недостатокот од сон и тоа како влијае на родилката да се чувствува исцрпено, иритабилно, анксиозно, плачливо, нерасположено, да се појави немир и несоница, да стане презагрижена, да има страв дека во улогата на мајка нема никогаш да е подобра.

Но, сиве овие чувства се нормални во првите неколку денови (особено се интензивни во првата недела по породувањето) и нормално е да траат до 2 недели. Осумдесет проценти од родилките ги доживуваат овие промени. Важно е да се знае дека ова не е болест туку е една состојба, која е минлива и најчесто сама по себе се повлекува, како што се средува и нивото на хормони додека родилката сѐ повеќе се прилагодува на новата улога.

Како да препознаеме постпородилна депресија и кои чекори треба да ги превземе мајката во однос на тоа?

Постпородилната депресија е психичко растројство кое се јавува после породувањето на мајката. Причините се мултифакторијални, односно биохемиските промени кои се случуваат и психолошките промени, кои уште повеќе ја зголемуваат веројатноста за постпородилна депресија.

Физичката исцрпеност по породувањето, стресот, недостатокот од сон, исто така влијаат на појавата на оваа состојба. Најголем ризик за појава на постпородилна депресија имаат оние кои во минатото имале депресивна епизода, оние кои имале постпородилна депресија во претходните бремености, и оние кои имаат конституционална и карактерна предиспозиција и наследност во семејството. Голем е ризикот и кај оние мајки кај кои бременоста е несакана, кои не се емотивно зрели и подготвени за родителство, кај адолесценти и личности кои незнаат што да очекуваат, и кај тие кои немаат можност за помош, а имаат отежнати услови за живот.

Постпородилната депресија на почетокот има сличности со состојбата на постпородилната тага, но симптомите се многу повеќе изразени, подолго траат и влијаат на способноста на мајката да се грижи за себе и за бебето, односно има изразен пад на функционалноста и хормичките – животните функции. Типично за оваа состојба е што симтомите се јавуваат во првите три месеци по породувањето и тоа постепено, не започнуваат со нагол тек. Карактеристични симптоми се депресивно расположение, плачливост, константен интензивен замор, губиток на апетит, несоница, интензивна раздразливост и конфликтуозност, пад на либидото и чувство на непривлечност и несигурност во својот нов изглед , губиток на животна радост, чуство на вина, промена во расположение, потешкотии и несигурности поврзани со грижата околу бебето, повлекување од членовите на семејството и пријателите, црни мисли, до состојба на константна грижа и преоптеретеност со бебето.

Некогаш симптомите поминуваат сами од себе во рок од два до три месеци и без стручна асистенција. Но, препорачливо е ако постпородилната тага потрае повеќе од две недели и симптомите опфаќаат минимална грижа за себе и детето и многу влијаат на секојдневното функционирање, задолжително треба да се побара помош од психолог/психотерапевт и психијатар.

Каква поддршка и е потребна на мајката во тој период? Кои работи би помогнале во оваа состојба?

Поддршката од партнерот и најблиските се исклучително важни, а охрабрувачките пораки се незаменливи. Секако помош при организацијата на времето е добредојдена и пожелно е да се направи добар распоред на работите кои мора да се направат, и кои може да почекаат. Олеснување е да некој друг да ја превземе одговорноста за готвењето во домот, секако доколку тоа е можно. Во почетниот период, родилката треба да одмара колку што може повеќе, особено кога и бебето спие. Препорачувам во првите денови да нема голем број на посетители во домот. Доколку новата мајка има потреба од исплакување, треба да и се дозволи и да се поддржи во тоа, да не се спречува. Таа треба да се ислуша, и да се комуницира со неа, со еден збор да се направи атмосфера каде ќе чувствува дека не е сама, дека има на кого да се потпре. Здрава исхрана, прошетки на свеж воздух, природна сумплементација и многу течности се задолжителни.

Доколку состојбата прогресира, доколку личноста станува се повеќе нефункционална и се намалува капацитетот за новата мајчинска улога и секојдневните обврски се одвиваат со потешкотии, веднаш треба да се направи консултација со стручно лице од областа на менталното здравје и тоа психолог/психотерапевт или психијатар.

Каков вид на поддршка им е потребна на новите родители за да изградат самодоверба во својата нова улога?

Покрај погоре наведените форми на грижа и поддршка, секој си знае каква поддршка му е најмногу потребна во тој период и според мене треба јасно да ја изговори на најблиските. Доколку новите родители не ја препознаваат својата потреба, најблиските и поискусните треба да проценат во која форма им треба. Самодовербата и сигурноста во себе доаѓаат со сѐ поголемото искуство, превземање на одговорност, учење и работа на себе. Пофалбите од околината и убавиот збор ја зацврстуваат.

Многу често во мојата практика слушам и примери за преголемо мешање во родителството од бабите и дедовците. Колку и да е тоа добронамерно, понекогаш младите родители го доживуваат и реферираат како притисок, наметнување на стил и неможност да ја превземат својата лична одговорност и слободно да го развиваат својот стил кој го преферираат за нега, развој и воспитување на своето дете. Во тој случај, советувам да се постават јасни граници со поширокото семејство и младите родители јасно да ја изразат својата потреба за индивидуалност и слобода во новите улоги, а помошта и сугестиите да следат кога тие би ги побарале и истите би ги слушнале, но би ги прифатиле само доколку сметаат дека се соодветни за нив.

You Might Also Like

Нема коментари

    Коментирај