Баланс мама Концепт мама

ИЗВАДОК ОД КНИГАТА „КОНЦЕПТ МАМА“ : БАНГКОК

Знаете, „Концепт мама” не е „обична книга за мајки” 😉 Таа ме однесе на патување, а јас се надевам дека ќе можам да ве земам со себе.

Пред скоро време имав прилика повторно да го посетам Бангкок. Уште еднаш ми се потврди дека од таму сѐ уште можам да црпам нова инспирација од градот, луѓето кои ги познавам. Во ова неделно попладне тоа ме инспирираше да споделам со вас еден извадок од „Концепт мама”.

Во Бангкок живеев вкрстувајќи ги моите три љубови: истражувањето на градот како феномен, предавањето на факултет и усовршувањето во урбаното проектирање. Мојата љубена професионална трилогија. Од друга страна, Бангкок како контекст бараше од мене да го испразнам умот од многу претходни сознанија и да бидам отворена за ново созревање. На почетокот, често бев изненадена и збунета од однесувањето на моите тајландски студенти и од различноста во животниот стил наспроти она на што бев навикната. Наутро ќе ме пречекаше мотоцикл-таксито, во далечина се слушаше ѕвончето од човекот што продаваше топка сладолед од ванила во земичка, лимонадата ќе ја добиев во кесичка со цевка и ќе вкусев лимон со сол (за надополнување на изгубените електролити од континуираното потење), во поштата ми стигнала виза-картичката со ликот на Хелоу Кити (да, сериозно!), забележував огромни панделки на стеблата, дрвја прогласени за свети, обвиткани со ткаенина во боите на виножитото. Во допир со тајландската реалност останував вџашена од некои за нив сосем секојдневни ритуали. По одредено време, сакајќи за себе да понесам што повеќе позитивно искуство од тој контекст, решив дека многу подобро би било да ја заменам раздразнетоста со повеќе истражување на шармантно-збунувачките животни стилови на Тајланѓанците.

Навлегувањето подлабоко во психологијата и приказните што се сокриваа зад овие некогаш сосем комични, некогаш накитено детски, слатки тајландски навики, беше процес на длабоко посегнување во себе и испразнување од многу претходно утврдени сознанија за однесувањето, културата и начинот на живеење воопшто. Во таа смисла, ова празнење, оставање простор во себе за разбирање нови состојби, личеше на размислувањата што потоа ме следеа во текот на бременоста.

Водењето дијалози од внатре кон надвор и обратно, деконструирањето на претходно произведените претстави за бременоста и мајчинството од страна на општеството, семејството и пријателите, образованието и професијата наспроти длабењето во себеси, ми помогна да согледам јасно веќе постојни внатрешни инстинкти и слики. Веројатно низ оваа книга ќе ни стане јасно дека тие претстави не се создаваат во нас како личности само во моментот на раѓањето деца, туку се отпечатуваат во нас, врз нас, пред нас и околу нас уште во нашето рано детство и низ целиот наш живот.

Поради таа причина, верувам дека периодот пред зачнувањето и на бременоста го сочинуваат процеси на задлабочување, давање простор и препознавање на сопствените инстинкти. Впрочем, слично на моето растење во Бангкок, тоа значеше едноставно отворање на умот и оставање место да се созрее во една нова улога, да се остави доволно простор да се создаде животот во себе.

 

Купете ја својата Концепт мама на следните линкови: https://konceptmama.mk/?p=479 и https://kupikniga.mk/product/paket-kontsept-mama/.

 

Фотографии од скорешното патување во Бангкок:

You Might Also Like

Нема коментари

    Коментирај