Концепт мама

Концепт мама блог: Мафин

Здраво на сите!

Оваа недела славиме втор роденден на нашата ќерка 🙂 Кога помина? Искрено има периоди кои поминуваат побрзо, некои поминуваат побавно, сепак важни се миниживотите кои ги изминуваме заедно и во кои растеме, созреваме, учиме и надминуваме одредени потешкотии. Викендов се подготвуваме за роденденска забава дома кај нас 🙂

На почетокот на неделата решивме да подготвиме мафини за дечињата од градинка. Си помислив дека би било убаво да ги правиме заедно со мојата ќерка. Обично се трудам колку што можам да споделам некои од обврските по дома со неа. Некогаш тоа личи на игра, некогаш е хаос, некогаш е сосема симпатично како се труди и таа и јас да ги споделиме обврските. Во нашите родителски пристапи веруваме и јас и Концепт тато дека е важно да се делат домашните обврски (на сите тројца:). И така во кујната заедно правевме мафини: ја вклучив во мешањето, во редењето на корпи во калапот, се разбира и во пробувањето на мафините.

На крајот испадна како игра, тоа што требаше да го подготвиме. Едно време црташе и со кисело млеко по подот, но и тоа е дел од родителството, од вистинското ненашминкано и несценирано родителство. Не е секогаш едноставно, но важно е колку што можеме да ја поткрепиме играта зошто таа за детето значи многу.

Пред да ги правиме мафините бевме по набавки на точак. Не знаете како изгледав на точакот, како Виетнамките кои продаваат керамички садови, само во мојот случај освен ранците со набавки, роденденски капчиња, балони и декорации, ѕиркаше и столчето за дете потпрено на задното седиште од каде мојата ќерка збунето ме гледаше. Се изморив и од таа причина решив да ми помогне подоцна со правењето на колачите. Честопати им се случува на родителите да се преморат и потоа да немаат веќе енергија и трпение за децата. Затоа треба да делиме, уште од мали да пробуваме колку што можеме да си помагаме во нашата семејна заедница.

Какви се вашите родителски пристапи? Дали делите или се преморувате? Дали верувате во воспитувањето каде е важно и детето да добие одредени обврски?

Мафините што ги правме се на следниот линк благи https://www.theworktop.com/breakfast-brunch-recipes/toddler-muffins/ и солени https://www.healthylittlefoodies.com/vegetable-savoury-muffins/. Варијанти од двете можат да се користат и како прва храна за малите деца.

You Might Also Like

Нема коментари

    Коментирај