Инспирација

Препорачуваме книга: „Кратки приказни за досонување” од Артконект

Не знам за вас, но јас постојано истражувам и барам детски книги кои се поинакви. Сакам да мислам дека целото опкружување на моето дете има влијание во неговиот раст и созревање и затоа сум многу пребирлива кога се работи за детската литература. Обично ги барам книгите кои имаат поинаков визуелен јазик и можат да ја разбудат детската имагинација. Една таква книга е „Кратки приказни за досонување” на Зорница Христова со цртежи од Миглена Папазова во издание на Артконект.

Текстот е превземен од страницата на Артконект: ‘Помеѓу две корици црвено-бели, 20 кратки приказни придружени со ист број на илустрации, отвораат еден цел детски светоглед. Ниту една од приказните нема наслов но секоја од нив е неверојатно лесна да се запамети. „Кратките приказни за досонување“ кои започнуваат со едно толку обично „си беше еднаш“, се вистинско четиво за малите сонувачи кои пред спиење ќе им помогнат да се смират и мирно да го завршат својот ден.’

‘Приказните раскажани со едноставни реченици, сместени во секојдневниот детски хронотоп (на детското игралиште, на тротоарот пред зграда, во џебот од палтото итн.), пред малиот сонувач отвораат цел еден космос на чудесни и необични случувања. Три од приказните имаат и фолклорни корени, а секоја од нив изобилува со едноставна мудрост и поука која паметните главчиња лесно ја восприемаат. „Кратки приказни за досонување“ даваат и суптилни одговори за прашања кои ги „мачат“ малите сонувачи: зошто Сонцето и Месечината речиси никогаш не се заедно на небото, или што сè може да има во еден џеб од заборавеното зимско палто. „Кратките приказни за досонување“ содржат и суптилни тишини со кои се премолчуваат сите прашања за кои нема одговор и кои едноставно треба да се отсонуваат.’

‘Целата книга се чита во еден здив, а препрочитувањето на секоја од приказните е задолжително. Приказните за досонување се толку силни што ја пробиваат онаа невидлива граница помеѓу сонот и јавето, а ликовите некако лесно се препознаваат и на улица, и извикуваат ревносно при секое протнување на раката в џеб, при средбата со секоја изгубена ракавичка на улица, при секоја средба со татко насладен со печени костени во есен.’

‘Секоја „Кратка приказна за досонување“ се чита за неколку минутки, а одзвонува низ детската фантазија со денови, се вгнездува како никулец и ја буди креативната потреба да се раскажуваат приказни која е заразна како Кивавица. „Кратките приказни за досонување“ се наменети за големи и мали сонувачи, и за дечиња од 3 до 10 години.’

„Кратки приказни за досонување” целосно ги исполнува моите очекувања од една детска книга. Малечкиот формат дозволува да ја носите лесно секаде со вас, различните приказни ја задоволуваат желбата секогаш да откриете нешто ново, а илустрациите на Милена Папазова се можност за создавање на имагинативни и романтични сеќавања од детството. Тимот на Концепт мама топло ви ја препорачува <3

Книгата може да се најде во Или-Или, Полица, Антолог, Култура, Литература.мк на улица Македонија, и онлајн на kupikniga.mk.

 

You Might Also Like

Нема коментари

    Коментирај