Инспирација

Инспиративни мајки: Марија Илкоска – Развој низ игра

Првата средба со Инстаграм блогот на Марија Илкоска веднаш ви открива дека се работи за личност со огромен сензибилитет, внимателност и чувство за развитокот и играта на детето. Нејзините белешки се моќни потсетници за сите родители како да се поттикне креативноста, развитокот и поинаквоста кај децата, но и самите родители да бидат активни учесници во играта. Тимот на Концепт мама ужива во секој нејзин нов запис, кој се чини како да е зрак светлина.

Која беше инспирацијата и целта да почнете со Инстаграм профилот?

За развојот на децата почнав да се интересирам уште додека бев на факултет, каде што имав предмет во кој детално се изучуваше развојот по месеци. Интересот ми се зголеми кога добив ќерка, чијшто развој го следам будно. Не од амбициозни причини и побуди, и не затоа што сакам да форсирам некој особен напредок кај неа, туку затоа што тоа ме исполнува мене лично, а истовремено и помагам да ги искористи своите потенцијали на најдобар можен начин. Читајќи ги коментарите на мајки на социјалните мрежи, добивав впечаток дека се недоволно информирани за текот на развојот, за тоа кога и на кој начин се појавуваат одредени способности кај детето и која е нивната улога во поттикнувањето на истите. Така се роди идејата за создавање на Инстаграм профилот „Развој низ игра“.

Што се трудите да постигнете со постовите, видеата? Што би сакале да споделите со другите мајки?

Содржината на објавите кои ги споделувам опфаќа информации за текот и законитостите на детскиот развој и важноста на раната стимулација која подразбира обезбедување поттикнувачка средина за развој на физичките, когнитивните, емоционалните и социјалните вештини. Како дефектолог директно се соочувам со проблемот на модерното родителство во кое воспитната функција ја преземаат електронските уреди и иако за тоа многу се зборува и предупредува, сепак родителите упорно сметаат дека нивното дете ќе биде исклучок и нему нема да му штети неограниченото користење електронски уред. Поради тоа, на мојот профил може да се најдат идеи за игра од најрано детство, во кои ќе уживаат и родителите и децата, бидејќи квалитетно поминатото заедничко време е она што е најважно за правилен раст и развој.

Како го балансирате своето секојдневие како родител?

Посветена сум на сопругот и бебето и секој момент од мајчинството ми е драгоцен. Во моментов сум на породилно отсуство од работа и лесно наоѓам време за читање и споделување информации за развојот на децата, како и за комуникација со родители кои ми се обраќаат на профилот. Не правам однапред планови за денот и иднината, едноставно се прилагодувам и ја прифаќам секоја промена која ја носи животот.

Кои се Вашите омилени книги, музика и филмови за родителството?

Воспитувањето на децата не е нешто што може да се научи и лесно да се примени во пракса. Сметам дека вистинското знаење се стекнува со опит и искуство, па затоа се обидувам да се водам не според одредена методика, туку според личноста на детето. Децата учат преку примерот на своите родители, па затоа повеќе обрнувам внимание на тоа како јас живеам, а се трудам тоа да биде во православен дух. Милениумската литургиско – педагошка пракса е заборавена од нашите современици, а е толку богата и неопходна за воспитниот момент на личноста на детето и целокупниот негов духовен, душевен и телесен развој. Би ги споменала книгите, четивата и излагањата на академик Владета Јеротиќ, книгата „Аномалии на родителската љубов“ на игумен Евмениј и филмот „Тврдина“ кој ја обработува темата на родителското прифаќање и грижа на деца со посебни потреби и деца напуштени од своите биолошки родители.

Каква поддршка им е потребна на луѓето кои се на прагот да станат родители? Како треба да се едуцираат родителите за време на родителството?

Родителството е голем чекор и носи свои предизвици и убавини. Родителите, а особено мајката, имаат потреба да знаат дека не се сами и дека убавите и не толку убави моменти на родителството може да ги споделат со вистински луѓе во секое време. Последниов период свеста за големината на родителството се зголемува и идните родители може да добијат најразличен вид на поддршка од луѓе од различни профили и професии и тоа е одлично. Во текот на мојата бременост ги следев настаните и работилниците на оваа тема, но за жал не успеав да присуствувам на ниту една од нив затоа што патував во друг град поради работата. Затоа, последните денови читав и изгледав серија емисии за породувањето, доењето и грижата за новороденчето и сметав дека сум научила сè и подготвена сум за тоа што ме очекува. Но, ги прекршив „правилата“ уште од самиот чин на породување кој не помина онака како што беше планиран. Сфатив дека секоја родителска приказна е различна и единствена и не доаѓа со инструкции. Сепак, екстра знаење не е на одмет и затоа ја поддржувам секоја иницијатива за поттикнување позитивно и совесно родителство.

Како го доживеавте своето раѓање како мајка и како се снаоѓате со сите предизвици? Кои свои граници сакате да ги надминете во тоа и каков совет, приказна, искуство би споделиле со другите мајки?

Она што го одбележа мојот постпородилен период и што сметам дека е вредно за споделување е еден многу важен сегмент на родителството – обезбедување храна на новороденчето. Мајките кои дојат без проблем се според мене среќни мајки. И оние кои не дојат се исто така среќни со самата улога на мајка, но кај нив се појавува дилемата: Дали да посегнат по адаптирано млеко или да дадат се’ од себе, нивното бебе да не се лиши од она што е за него од незаменлива важност. Јас се решив за второто. Ми требаше долг период да се помирам дека нема да дојам, затоа што тој момент посебно го посакував, и да ја надминам грижата на совест дека нема да се поврзам со бебето на најдобриот начин. Но, бидејќи работите не секогаш се одвиваат онака како што посакуваме, решив тој „неуспех” да го компензирам така што ќе се измолзувам. Почетокот не беше едноставен, напротив, се појавија нови предизвици: собирање млеко капка по капка за потоа случајно да се истури, броење милилитри и планирање секој оброк ден претходно, стерилизирање шишиња, темпирање сесии на измолзување и неспиење, анимирање бебе како знам и умеам додека се измолзувам. После многу успешно надминати предизвици, конечно можам да гледам со гордост на изминатиот период, затоа што мајките кои измолзуваат – вложуваат многу повеќе. Тука спаѓаат и мајките чии деца се на адаптирано млеко. Не заборавајте дека поврзаноста со бебето не доаѓа едноставно преку млекото, туку преку грижата со која го храниме. Убаво е тоа што се зголемува свеста за пружање поддршка и мотивирање на мајки да ги дојат своите бебиња, но сметам дека она што недостига е пружање поддршка на мајки кои од било која причина не дојат, затоа што тоа не ги прави помалку вредни и успешни и не треба поради тоа да се обвинуваат и обесхрабруваат.

 

You Might Also Like

Нема коментари

    Коментирај