Browsing Tag

вистинско родителство

Инспирација

Инспиративни мајки: Марија Илкоска – Развој низ игра

Првата средба со Инстаграм блогот на Марија Илкоска веднаш ви открива дека се работи за личност со огромен сензибилитет, внимателност и чувство за развитокот и играта на детето. Нејзините белешки се моќни потсетници за сите родители како да се поттикне креативноста, развитокот и поинаквоста кај децата, но и самите родители да бидат активни учесници во играта. Тимот на Концепт мама ужива во секој нејзин нов запис, кој се чини како да е зрак светлина.

Која беше инспирацијата и целта да почнете со Инстаграм профилот?

За развојот на децата почнав да се интересирам уште додека бев на факултет, каде што имав предмет во кој детално се изучуваше развојот по месеци. Интересот ми се зголеми кога добив ќерка, чијшто развој го следам будно. Не од амбициозни причини и побуди, и не затоа што сакам да форсирам некој особен напредок кај неа, туку затоа што тоа ме исполнува мене лично, а истовремено и помагам да ги искористи своите потенцијали на најдобар можен начин. Читајќи ги коментарите на мајки на социјалните мрежи, добивав впечаток дека се недоволно информирани за текот на развојот, за тоа кога и на кој начин се појавуваат одредени способности кај детето и која е нивната улога во поттикнувањето на истите. Така се роди идејата за создавање на Инстаграм профилот „Развој низ игра“.

Продолжи со читање

Инспирација

Корен и крилја: Интервју со Билјана Станојчиќ

Кога ја читате нејзината книга „Корен и Крилја” се чувствувате како да разговарате со себе и да рефлектирате на она кој сте како родител, на односот со своите деца, но и како некој да ви украл дел од мислите и ги запишал на сосема сензитивно – цврст начин. Придружете ни се во разговорот со Билјана Станојчиќ чијашто книга можете да ја најдете на следните линкови англиска верзија и српска верзија.

Во кој период од својот живот ја пишуваше книгата „Корен и Крилја” и кои се некои од пораките, чувствата кои сакаш да ги пренесеш со оваа книга?

Кога бев мајка само на едно дете, син ми Никола, повеќе уживав и чувствував потреба во читањето. Кога ја родив и ќерка ми, Невена, почувствував потреба да бидам дел од заедница, но и да ги поделам сознанијата што ги стекнав. Бидејќи немав време, долго пишував само во мислите. Потоа успеав да одделам време за пишување, од сонот, и го основав блогот Змајка на www.zmajka.wordpress.com. Пишував многу лично за чувствата, мислите и постапките кои се јавија во мене како мајка. Поради тоа, блогот брзо стекна голема читаност. Како што созревав, созреваше и мојот стил, набргу материјата којашто ја пишував стана преобемна и стилски повеќе соодветна за книга. Така ја напишав и електронската книга „Корен и Крилја” – почит во семејството, силни деца.

Во книгата ги давам основните информации за родителските стилови, што му е неопходно на секое дете за здрав развој, кои се посакувани и непожелни родителски постапки. Подеднакво важно, родителите во книгата ќе најдат разбирање и поддршка.

Продолжи со читање

Инспирација

Фотоколаж бр.3: Флуидна љубов

Во продолжение фотографии од https://www.instagram.com/superdads/ од и извадоци од книгата „Флуидна љубов” од Зигмунт Бауман. Се надеваме дека ќе ви се допадне контрастот 😉

 

„Во нашево време детето, прво и основно, е објект на емоционална потрошувачка. Децата се меѓу најскапите нешта што просечните потрошувачи веројатно ќе ги купат за време на својот живот. Во чисто монетарна смисла, децата чинат повеќе отколку луксузниот, најмодерен автомобил, крстарење околу светот, дури и куќата поради која сте горди. Во светот кој веќе не ни нуди сигурни патишта на кариерата и стабилни работни места, за луѓето што се движат од еден проект до друг и заработуваат за животот додека се движат, потпишувањето на договор за кредит со непозната и неопределена долга отплата значи изложување на некарактеристично високо ниво на ризик и богат извор на вознемиреност и страв. Имањето деца значи да се оптовари сопствената удобност со благостојбата на друго, послабо и зависно суштество. Автономијата на сопствените желби мора да биде компромитирана, и секогаш повторно: година по година, ден по ден.”

Продолжи со читање

Концепт тато

Срцестопувачки концепт тато

Посветениот татко не е татко кој ги разгалува своите деца. Тој е едноставно посветен исто како и својот партнер и верува во делењето на семејните обврски.

Кога ги видовме илустрациите на https://www.instagram.com/vskafandre/ веднаш помисливме дека е убаво да ги споделиме со вас и да им наздравиме на најдрагите, Концепт татковци!

Мора да признаете дека тие секогаш знаат да изненадат со своите начини на правење на работите и да најдат свои креативни пристапи во воспитувањето на своето дете.

Cheers за посветените Концепт таковци и големо благодарам до Концепт таткото на мојата ќерка кој ја заспива нашата ќерка за јас да најдам време вечерва да го напишам овој пост за вас. <3

 

 

Инспирација

ПРИКАЗНИ ЗА МАЈЧИНСТВОТО: Патување со авион

Тоа беше нашето прво патување заедно – мое и на Аурора. Утрото станав навреме, но како и секогаш нешто искрснуваше до последен момент, па дури и кога веќе требаше да тргнеме, трчав од соба во соба како мува без глава… Ја носев во раце зашто го заборавив кенгурот. Маж ми пцуеше по пат и шибаше по серпентините. Откако излеговме од кола, Аурора поврати, а и мене ми се лошеше. Кога аеродромските службеници ја видоа, рекоа: „Не се секирајте, ако треба за неа повторно ќе го отвориме чек-ин каунтерот!“ Со некакво чудо, се сместивме на нашето седиште. Можеби инфантилно, но ја крстив по Дизниевата „Заспана убавица“, иако и латинското значење ми се допаѓа, секако… Во тој контекст помислив колку би било убаво веднаш да заспие, па да се разбуди кога ќе ја бакнам, откако ќе слетаме. Бебешкиот сигурносен појас што ни го дадоа не ми влеа доверба (требаше да мислам на тоа кога одлучив да цицијашам за додатна карта, ама кој да влече по пат седиште за автомобил). Се сетив на сцената од Пиксаровите „Неверојатни“, кога авионот во којшто беа мајката и нејзините деца почна да паѓа, па таа метаморфозира во падобран, а по слетувањето – во глисер, за да ги одвезе на безбедно. Поцврсто ја стегнав Аурора. Како што авионот се придвижи, и таа се распретка. Се обидов да ја дојам за да не ја заболат ушите, но нејќеше. Како и секогаш кога нешто не ѝ беше по волја, почна да плаче… и не престана. Безуспешно ѝ нудев дојка и играчки. По толку врескање, како и вчудоневидени коментари од другите патници, и јас почнав да плачам. Сите излегоа, а кога една стјуардеса забележа во каква состојба сме, пријде и ја зеде Аурора, која ѝ се фрли во прегратка! Веднаш се смири и разочарано ме гледаше како плачејќи каскам зад нив.

Шифра: Елена

https://konceptmama.mk/?p=284

Концепција

ПРИКАЗНИ ЗА МАЈЧИНСТВОТО: To-do листа

03 април. Рано утро. Ѕвони алармот. Ух, пак ќе доцнам…веќе е 06:50. Станувам. Се спремам да го започнам денот. Вообичаена рутина. Се движам по дома. Тоалет- спална, спална- детска, детска- дневна, алиштата не ми се испружени. Врати се во тоалетот. Испразни ја машината за алишта. Тоалет- тераса. Собери ги алиштата од вчера, веќе се суви. Ги простирам новите. Малиот син ноќеска не спиеше добро. Поврати на креветот. Повторно во спална. Тивко, на прсти. Децата спијат, да не ги будам. Нека спијат, имаат уште 10 минути. Собери ја постелнината од креветчето. Тој не е таму, го префрлив ноќеска, во којзнае кое полубунило, додека плачеше, повраќаше и ми ја кубеше косата истовремено. Ги оставам чаршафите во пералната. Пак е полна корпата. Магичен круг, нема крај. Се враќам кај децата. Време е за во градинка. Спијат. Ок. Ќе го однесам малиот завиткан во ќебенце, во количка. Големиот нека спие, нека се одмори. Ќе купи уште 15 минути. Го префрлам малиот во количката, одоздола жолтото меко ќебе. Не се буди. Го замотувам. Ранчето, излегуваме. Набрзина, можеби е ладно надвор, но без јакна. Не ми треба, ќе ми одземе дополнително време. Брзам. Малиот спие. Не се буди, добро е. Нека поспие мајкиниот, нека се одмори. Ноќеска не спиевме. Ниту тој, ниту јас. Јас морам да го почнам денот, тој не. Нека се одмори, животот е пред него. Стигнуваме во градинка. Еден татко ми помага да ја качам количката до врата на занималната, горе е на првиот спрат. Го предавам малиот на воспитувачката. Не се буди, добро е. Трчам понатаму. Брзам по скалите, ја поздравувам воспитувачката на поголемиот син. Ќе дојде денес? Да, секако. Еве брзам дома да го спремам, па го носам. Брзам по патот назад, скоро трчам. Ја веднам главата, се погледнувам. Дотерана деловно, на нозете спортски адидас патики. Ок, смешно е, ама со нив побрзо трчам. Стигнувам дома, големиот веќе е буден (претходно му шепнав – имаш уште неколку минути сон!). Го облекувам, излегуваме. Овојпат со штиклите на нозе. Го стартувам автомобилот. Тргнавме… стигнуваме. На врата – убав ден да имаш сине! Не ме слушна, си влезе кај другарите во занимална. Ок, назад во кола и брзам. Веќе е 8 часот. Повторно ќе доцнам на работа, морам да застанам кај мојата докторка, нема друг термин.

Продолжи со читање

Инспирација

ПРИКАЗНИ ЗА МАЈЧИНСТВОТО : Раѓање без страв

Во 2011 се омажив за мажот од моите соништа. Бев прилично болна пред свадбата и изгубив многу од телесната тежина. Позитивната страна на тоа беше што можев лесно да го закопчам венчалниот фустан. Лекарите ми кажаа дека најверојатно нема да можам да имам деца и доколку се случи чудо, да имам, најверојатно ќе ги изгубам за време на бременоста.

Со сопругот си поминавме прекрасно на медениот месец и се вративме полни со љубов и енергија за животот. Недела дена подоцна ми задоцни менструацијата. Решив да направам тест за бременост. Ми беше досадно, во ниеден момент не помислив дека тестот може да биде позитивен. Кога го видов резултатот за малку ќе паднев од креветот.

Мојот сопруг беше во шок. Пцуеше и беше преплашен. Кратко време потоа се навикна на новите случувања. Кога бев во шестата недела имав прилично многу крварења и решив да отидам на лекар, помислив дека ќе го изгубам бебето и ми требаше потврда од лекарот дека сеуште сум трудна. Ми потврдија дека сé е во ред. Бев надвор од себе од радост.

По три месеци, повторно крварење, отидов на лекар со најдобрата другарка. Не го очекував одговорот – близнаци!

Му се јавив на сопругот и го слушнав како викна од другата страна на телефонот. До ден, денеска не знам дали викањето беше од радост или од страв.

По 5 месеци моите близначиња се родија предвремено, на 26 недели. Од овој шок секојдневно закрепнуваме. Тој ни ги смени животите засекогаш.

Секој ден се заблагодарувам дека претходно,  со години подучував хипно-раѓање* (Хипно-раѓање е техника на породување чија основна цел е да го отстрани стравот. Следствено се намалува или целосно отстранува болката, за којашто се тврди дека е негов резултат.).  Ги користев своите алатки и техники за време на породувањето за да ги родам своите деца природно и безбедно. Поминувањето низ каналот за раѓање им помага многу на прерано родените бебенца, може да им даде природна почетна поддшка во животот. Прилично сум сигурна дека начинот на кој се породив овозможи денеска моите деца да бидат здрави.

Предвремените породувања се многу поинтензивни од породувањата на време. Како што ми се зголемуваа контракзиите, паднав целосно во состојбата на хипно-раѓање: очите затворени, длабоко дишење, сопругот нежно ми зборуваше на увото..Бев на посебно место – се замислував како да сум во базен, осветлувањето е минимално, а нежните звуци наоколу ги галат моите контракции.

Го слушнав докторот како нареди да ми го проверат пулсот. Бев толку длабоко во медитација што изгледаше како да спијам или како да сум се онесвестила. Го родив моето прво, Ксандер, сосема природно со 3 длабоки дишења. Џои, се имаше превртено на местото што го остави неговиот брат. По закана од царски рез и внатрешно превртување, ги замолив лекарите да пробаме природно. Дојде тим и ми помогнаа од надвор да го наместиме Џои во правилна позиција. Се роди и тој, целосно природно.

3 дена откако се родија, не можев да ги држам моите момци. Беа толку малечки и се бореа за живот. Денеска се нормални момчиња и секој ден ме воодушевваат со нивната сила и љубов.

Моето породување беше сосема спротивно од она што го замислив, но благодарение на хипно-раѓањето и поддршката на мојот сопруг за време на породувањето можам да се завртам назад и да кажам дека го дадов најдоброто од себе. Беше неверојатно позитивно искуство и се гордеам со тоа. Денеска сум уште повеќе инспирирана да подучувам хипно-раѓање и да им помагам на мајките да го доживеат најдобро што можат при своето породување.

Породувањето не е никогаш совршено, но може да биде позитивно. Моето дефинитнвно беше такво.

Софи Енглифилд

http://birthwithoutfearblog.com/

https://www.hypnobirthingforyou.co.uk/

Својата приказна за мајчинството пратете ни ја на следниов линк:

https://docs.google.com/forms/d/e/1FAIpQLSdl8lZhr9-RozXX3hzPjBRch1VRXiRKb0OZHH17qI_RTYeKvA/viewform

Концепција – конкурс за приказна