Browsing Tag

Инстаграм

Баланс мама

ИНСПИРАТИВНИ МАЈКИ: Моја Инста Мама

Недела е одличен ден за читање на нови постови на Концепт мама. Денес ви ја претставуваме Мартина или Моја Инста Мама:

Која беше инспирацијата и целта да почнете со Инстаграм профилот? 

– Уште кога бев бремена со големата ќерка, почнав да следам многу инста мајки, кои ми станаа инспирација да започнам и јас. Меѓутоа, после тоа почнав на работа и се откажав поради обврски. Кога ја родив втората ќерка, решив дека морам да започнам со свој мама блог. Така настана @mojainstamama.

Инспирацијата ми се моите две ќеркички, интересните моменти, а целта ми е да се прикаже секојдневието на една мајка во денешното време. Бидејќи Инстаграмот не е повеќе платформа каде што има само убави слики,  но и платформа каде можат да се раскажуваат приказни.

Што се трудите да постигнете со постовите, видеата? Што би сакале да споделите со другите мајки?

– Кога станав мајка, како и секоја мајка, бев неискусна и многу прашања што ми се вртеа во главата морав да ги пребарувам на интернет. За доста работи, не знаев дали се нормални и дали така треба да бидат. Затоа, целта на блогот @mojainstamama  е да се сподели секојдневието на една модерна мајка, сите предизвици, убави и не толку убави моменти, справување со различни ситуации, совети, мотивација, инспирација, секојдневни проблеми, рецепти, здрави навики, а треба да почнам и вежбање 🙂 Кога сето тоа го споделувам со другите мајки, добивам огромен фидбек и сум многу среќна поради тоа. Сѐ што сакаат да прашаат и да советуваат слободно може да ме контактираат – тука сум да помогнам. Не сум експерт, меѓутоа зборувам од моето лично искуство.

Како го балансирате своето секојдневие како родител?

– Кога имав само едно дете, си викав „ леле, колку ми е напорно, ништо не можам да постигнам“. Може да замислите како е со две, хехехе…. Шегата на страна, мислам дека со две сум поорганизирана од порано, а и уживам во заедничките моменти заедно.

Каква поддршка им е потребна на луѓето кои се на прагот да станат родители? Како треба да се едуцираат родителите за време на родителството? 

– Да се стане родител е најтешката, но воедно и најубавата професија во животот. Да се стане родител значи да се откажеш од себе и да се посветиш на децата. Секако дека не треба да се запуштиш, меѓутоа да се ставиш на некое друго место на листата на желби и потреби. Иако некогашната изрека гласи : Родителството/мајчинството е вроден инстинкт кој се појавува кога ќе се роди детето, јас не се согласувам со тоа. Родителството се учи. Денес со интернетот имаме пристап до толку многу статии и кај нас почнаа да се одржуваат доста работилници на тема родителство. Секој кој се интересира може да прочита повеќе и да учествува.

Кои се Вашите омилени книги, музика и филмови за родителството?

– Искрено за филмови немам време воопшто, а и повеќе сакам да читам, иако и за тоа немам време. Книга која сум ја читала кога бев бремена со првото дете „ Што да  очекувате во првата година“. Денес кај нас се појавија доста профили за родителство, како и профили за развој на децата низ игри, што вреди да се следат и има доста да се научи од нив. Секој ден учам по нешто ново.

Како го доживеавте своето раѓање како мајка и како се снаоѓате со сите предизвици? Кои свои граници сакате да ги надминете во тоа и каков совет, приказна, искуство би споделиле со другите мајки? 

– Мислам дека ниедна мајка не е целосно подготвена да влезе во улогата на мајка. Како и секоја мајка и јас се плашев дали ќе бидам добра мајка, меѓутоа сите стравови исчезнаа за брзо.  Како растат децата, секој ден учам нешто ново и се соочувам со нови предизвици, со кои се справуввам спонатно, како знам и умеам. Доколку ми треба помош – барам, читам, се едуцирам. Граници немам, а доколку некој сака да ја следи мојата приказна во улога на родител, да добие/даде совет, нека ме следи на мојот Инстаграм и на мојот Фејсбук профил @mojainstamama.