Browsing Tag

концепт мама

Баланс мама Концепт мама

ИЗВАДОК ОД КНИГАТА „КОНЦЕПТ МАМА“ : БАНГКОК

Знаете, „Концепт мама” не е „обична книга за мајки” 😉 Таа ме однесе на патување, а јас се надевам дека ќе можам да ве земам со себе.

Пред скоро време имав прилика повторно да го посетам Бангкок. Уште еднаш ми се потврди дека од таму сѐ уште можам да црпам нова инспирација од градот, луѓето кои ги познавам. Во ова неделно попладне тоа ме инспирираше да споделам со вас еден извадок од „Концепт мама”.

Во Бангкок живеев вкрстувајќи ги моите три љубови: истражувањето на градот како феномен, предавањето на факултет и усовршувањето во урбаното проектирање. Мојата љубена професионална трилогија. Од друга страна, Бангкок како контекст бараше од мене да го испразнам умот од многу претходни сознанија и да бидам отворена за ново созревање. На почетокот, често бев изненадена и збунета од однесувањето на моите тајландски студенти и од различноста во животниот стил наспроти она на што бев навикната. Наутро ќе ме пречекаше мотоцикл-таксито, во далечина се слушаше ѕвончето од човекот што продаваше топка сладолед од ванила во земичка, лимонадата ќе ја добиев во кесичка со цевка и ќе вкусев лимон со сол (за надополнување на изгубените електролити од континуираното потење), во поштата ми стигнала виза-картичката со ликот на Хелоу Кити (да, сериозно!), забележував огромни панделки на стеблата, дрвја прогласени за свети, обвиткани со ткаенина во боите на виножитото. Во допир со тајландската реалност останував вџашена од некои за нив сосем секојдневни ритуали. По одредено време, сакајќи за себе да понесам што повеќе позитивно искуство од тој контекст, решив дека многу подобро би било да ја заменам раздразнетоста со повеќе истражување на шармантно-збунувачките животни стилови на Тајланѓанците.

Продолжи со читање

Инспирација

Наградени детски цртежи

Кога го погледнав купот со писма пристигнати на Конкурсот за детски цртеж на Концепт мама знаев дека ќе имаме тешка задача. Би сакала да им се заблагодарам на сите кои допринесоа и се потрудија да бидат дел од нашиот креативен проект. Како што ветивме ги подготвивме наградите за најоригиналните детски цртежи.

Продолжи со читање

Инспирација

ФОТОКОЛАЖ БР.4: Креативни проекти

Како родители секогаш се обидуваме да го направиме најдоброто за своето дете, но понекогаш ни фали малку инспирација, да направиме нешто различно од секојдневието, да се изразиме и ние како индивидуи. За да поттикнеме креативни активности решивме да го организираме конкурсот за детски цртеж кој трае до крајот на овој месец и е одлична прилика и за вас и за вашето дете да пробате, доживеете искуство кое е различно, поинакво. Доколку ви треба малку инспирација за конкурсот за цртеж на Концепт мама, во денешниот Фотоколаж прочитајте различни начини како да направите проект за цртеж, колаж, акварел со вашето дете. Ваквите активности можат да бидат многу значајни за децата и да ги поттикнат да имаат различно искуство од она што вообичаено им се случува. И вие покрај нив. Децата сакаат да учат и искусуваат преку игра така што кога ќе се решите за ваков проект бидете подготвени на хаос, уживање, можеби и вие да се вклучите во тоа што се случува, да разговарате, да се смеете и опуштите. Еве го нашиот избор на креативни проекти:

1.Цртање со снег и транспарентна хартија во боја (ова особено може да ви се најде во зимските денови)

https://www.firefliesandmudpies.com/snowy-day-tissue-paper-art/

Продолжи со читање

Инспирација

Конкурс за детски цртеж на Концепт мама

 

Мојата баба многу сака да раскажува една приказна од моето детство. Имам околу 6 години и пред мене се огромните листови од рецепти и пишување дијагноза на дедо ми. Бидејќи постојано сакам да цртам мора да ја користат секоја хартија од нивното секојдневие што може да се искористи од другата страна. Во меѓувреме на телевизија објавуваат конкурс за детски цртеж. Баба ми собира дел од цртежите и ги испраќа на конкурсот. Се сеќавам на денот кога во ходникот најдов огромен пакет за мене. Ходникот дента како да беше потемен, а пакетот како да беше посветол. Во него имаше секаков вид на боици и материјали за цртање…Не поминува слава, а баба ми да не ја сподели оваа приказна.

Во чест на баба Милосија на Концепт мама ви објавуваме конкурс за детски цртеж на тема „Мајка”. На конкурсот можат да се пријават деца од 1-9 години. Секој учесник има право да испрати еден цртеж, а нема ограничување во техниката и форматот на листот. Задолжително со цртежот е да ни испратите податоци за вашето име и презиме, домашна адреса, телефонски број и мејл адреса за да ве контактираме понатаму. Цртежите треба да се испратат на следната адреса:

Конкурс за детски цртеж на Концепт мама 

Александра Шекутковска Докоска 

ул. Генерал Михајло Апостолски бр. 2

1000 Скопје

Конкурсот трае до 1.12.2018.

Ќе бидат доделени 4 награди: 3 еднакви награди детска книгичка „Кратки приказни за досонување” и ваучер за попуст за книгите Концепт мама кој може да се искористи до крајот на годината и една награда пакет со боици и материјали за цртање.

Ви посакуваме многу среќа!

Доколку ви се потребни повеќе информации секогаш може да ни пишете во коментар или на нашата мејл адреса: konceptmama (@) gmail.com.

Баланс мама

Дом со нула отпад прва недела

Како да ви опишам како се чувствував кога ја завршив „Дом со нула отпад” на Беа Џонсон… Ајде да почнеме од тоа како се чувствував некаде на средина на книгата. Се изнервирав. Прво ме фати паника од сето тоа ѓубре кое секојдневно го продуцираме, второ си реков ама чекај сакам уште ова, она, ова, она да си купам, трето си реков ок, ама некои од овие работи ние веќе ги применуваме…Ја оставив книгата, излегов надвор, бев да купам поклон за сестра ми. Чудно, но почнаа да ми одѕвонуваат работи во главата, ја земам чашката од кафето за носење ми зборува Беа Џонсон во главата како е многу поеколошки и поедноставно ако си купев една чаша во која повторно и повторно ќе може да се полни кафето, дека чашките од кафето за носење не се рециклираат. Си мислев: јас не користам пластика за една употреба, немам пластичен прибор и чинии. Отворам во фиоката во кујната и што да видам, гледам таков прибор (од каде?), ете ја Беа Џонсон повторно во мојата глава, си повторувам работи прочитани во книгата.

Кога ја завршив книгата патувајќи во воз накај сестра ми донесов одлука. Почнувам. Има дел од насоките во книгата кои веќе ги применуваме, но секогаш има простор за подобрување. Нема да дозволам да бидам заробена во она, а да ок па ние внимаваме по малку, нека внимаваат другите или да се чувствувам како да не можам да направам ништо или немам значење во морето на општеството или заедницата. Одлуката ми стана уште посилна кога пред мене се покажа огромен билборд со делфин на кој устата му е преполна со секаква пластика која луѓето на секојдневна база ја конзумираат без да размислуваат. Продолжи со читање

Концепт тато

Срцестопувачки концепт тато

Посветениот татко не е татко кој ги разгалува своите деца. Тој е едноставно посветен исто како и својот партнер и верува во делењето на семејните обврски.

Кога ги видовме илустрациите на https://www.instagram.com/vskafandre/ веднаш помисливме дека е убаво да ги споделиме со вас и да им наздравиме на најдрагите, Концепт татковци!

Мора да признаете дека тие секогаш знаат да изненадат со своите начини на правење на работите и да најдат свои креативни пристапи во воспитувањето на своето дете.

Cheers за посветените Концепт таковци и големо благодарам до Концепт таткото на мојата ќерка кој ја заспива нашата ќерка за јас да најдам време вечерва да го напишам овој пост за вас. <3

 

 

Концепт мама

7 работи во кои дополнително вложивте кога решивте да го поддржите проектот Концепт мама

Поминаа две недели од успешното завршување на собирањето средства на www.letsfundit.mk, а ние сѐ уште разгледуваме впечатоци и чувствуваме искрена благодарност. Начинот на финансирање на проектите преку crowdfunding платформа подразбира и свесност за чувствителноста на авторот и неговото дело.

Од таа причина решивме да Ви прикажеме една тајна листа на 7 работи во кои дополнително вложивте кога решивте да го поддржите проектот Концепт мама:

  1. Креативно размислување и експериментирање со искуства, бои, вкусови и патувања, сѐ со цел тие да му се доближат и овозможат на своето дете.
  2. Искрено споделување на искуства, конструктивни пристапи, совети и впечатоци со читателот за бременоста, породувањето, раѓањето и раното родителство.
  3. Circa 700 часови поминати во читање, препрочитување, подвлекување и дискутирање на стручна литература за овие периоди на трансформација.
  4. Непознат број на часови поминати во читање и истражување на интернет, стручни експерименти, социјални мрежи, апликации, работилници…, наместо да бидат поминати во одмарање, спиење, чистење..
  5. Себепредизвикување и надминување на сопствените граници и стравови и пишување за тоа. Споделување на најважната лекција за постепеното и природното градење на самодоверба како родител.
  6. Желба за инспирирање на родителите за самосвесни, целовити и информирани одлуки и пристапи.
  7. Балансирање на двојноста помеѓу полнењето на балонот со љубов кон своето дете и балонот со љубов кон сопствената човечка потреба за создавање и инспирација.

На сите оние кои нѐ поддржаа, на сите оние кои допрва ќе нѐ поддржат, на сите оние кои размислуваат дали да нѐ поддржат.

Искрено Ви благодарам!

Ваша,
Концепт мама

 

 

 

Инспирација

Приказни за мајчинството : Грижење со корист

Хана, мајка која го очекуваше своето второ дете, сакаше да има едноставно, природно породување по искуството на породување со сите медицински нишани. Нејзината грижа дека раѓањето ќе биде уште едно болно разочарување висеше како облак над нејзината бременост. Во осмиот месец на бременоста делуваше стегнато и амбивалентно.

Чекаше од мене да и кажам дека сѐ ќе биде добро.

Продолжи со читање

Инспирација Концепт мама

Приказни за мајчинството: Време

„Времето ќе ги притисне твоите граници, многу побрзо отколку што ти би сакала.

Ќе остареш на начини на кои ќе те боли, ќе станеш побавна, ќе станеш уморна и слаба.

Смеј се. Пешачи. Јади. Пиј. Танцувај. Направи своја градина. Скокни. Направи напор и сопри го времето. Застани под дождот, дозволи си целосно да ги почувствуваш капките дожд. Легни и наспиј се во природа покрај дрво додека остатокот од светот оди на работа. Земи го точакот и направи тура. Испиј ја чашата вино или милкшејкот побавно отколку што си мислела дека можеш..почувствувај ја секоја капка.

Бебињата ќе ти ја земат целата енергија. Децата ќе го третираат твоето тело како фискултурна сала, ќе ја помодрат твојата кожа и ќе ги растегнат твоите мускули. Работата ќе те тера да седиш внатре повеќе отколку што треба. Партнерите ќе те земат здраво за готово. Пријателите ќе бидат во илузија дека немаат време за едноставно време поминато заедно. Музичките инструменти ќе седат заборавени во своите куфери. Косата ќе ти остане неизмиена. Првите состаноци ќе бидат досадни и ќе ти одземат само време. Љубовниците ќе ти го искорнат срцето и ќе те стават на почетокот и на крајот од емоционален пекол, ќе те остават несигурна, збунета и без доверба. Породувањето, раѓањето и раното мајчинство ќе бидат болни, тешки и во недостиг, ќе те остават со тело кое нема да го познаваш и за кое нема да се чувствуваш убаво.

Патеката на возрасниот човек е текстурирана и често нагоре по угорницата.

Но,

Ти си прекрасна.

Ти си мека и скапоцена.

Даваш и негуваш.

Убава и сензуална.

Ти си вредна да бидеш празнувана.

Застани еден момент и сакај се себеси.

Сега повтори го ова бескрајно. ”

автор Елијана Алон

Својата приказна за мајчинството пратете ни ја на следниов линк:

https://docs.google.com/forms/d/e/1FAIpQLSdl8lZhr9-RozXX3hzPjBRch1VRXiRKb0OZHH17qI_RTYeKvA/viewform

Концепција – конкурс за приказна