Browsing Tag

концепција конкурс

Инспирација Концепција

ПРИКАЗНИ ЗА МАЈЧИНСТВОТО: Свои приказни си замислуваме

Кога единството од блаженството се претвора во множество, мајчинството стапува во семејството. Кај секоја мајка расте стравот како што расте мевот, се додека не го почувствува во својата прегратка благословот. Во првиот поглед на стиснатите тупаници во самоодбрана, целата беспомошност и милост на овој свет е собрана. Еуфоријата од првите денови прераснува во лудорија, а оние што не се изморија бабите и дедовците ги одморија. Многу расположенија ми се сменија со новите задолженија, но сета огромна љубов и трпение на светов се соединија. Од сите тие бескрајни прекрасни насмевки – секојдневни лотариски добивки, од сите тие крокодилски солзи – кратки нервози. Не можам да кажам многу како мајка во овие три години, бидејќи само ги ставам темелите на моите тврдини. Сепак, за мајчинството кога размислуваме, сите свои приказни си замислуваме.

Даниела Ѓорѓоноска

Инспирација

ПРИКАЗНИ ЗА МАЈЧИНСТВОТО: Патување со авион

Тоа беше нашето прво патување заедно – мое и на Аурора. Утрото станав навреме, но како и секогаш нешто искрснуваше до последен момент, па дури и кога веќе требаше да тргнеме, трчав од соба во соба како мува без глава… Ја носев во раце зашто го заборавив кенгурот. Маж ми пцуеше по пат и шибаше по серпентините. Откако излеговме од кола, Аурора поврати, а и мене ми се лошеше. Кога аеродромските службеници ја видоа, рекоа: „Не се секирајте, ако треба за неа повторно ќе го отвориме чек-ин каунтерот!“ Со некакво чудо, се сместивме на нашето седиште. Можеби инфантилно, но ја крстив по Дизниевата „Заспана убавица“, иако и латинското значење ми се допаѓа, секако… Во тој контекст помислив колку би било убаво веднаш да заспие, па да се разбуди кога ќе ја бакнам, откако ќе слетаме. Бебешкиот сигурносен појас што ни го дадоа не ми влеа доверба (требаше да мислам на тоа кога одлучив да цицијашам за додатна карта, ама кој да влече по пат седиште за автомобил). Се сетив на сцената од Пиксаровите „Неверојатни“, кога авионот во којшто беа мајката и нејзините деца почна да паѓа, па таа метаморфозира во падобран, а по слетувањето – во глисер, за да ги одвезе на безбедно. Поцврсто ја стегнав Аурора. Како што авионот се придвижи, и таа се распретка. Се обидов да ја дојам за да не ја заболат ушите, но нејќеше. Како и секогаш кога нешто не ѝ беше по волја, почна да плаче… и не престана. Безуспешно ѝ нудев дојка и играчки. По толку врескање, како и вчудоневидени коментари од другите патници, и јас почнав да плачам. Сите излегоа, а кога една стјуардеса забележа во каква состојба сме, пријде и ја зеде Аурора, која ѝ се фрли во прегратка! Веднаш се смири и разочарано ме гледаше како плачејќи каскам зад нив.

Шифра: Елена

https://konceptmama.mk/?p=284

Концепција

ПРИКАЗНИ ЗА МАЈЧИНСТВОТО: To-do листа

03 април. Рано утро. Ѕвони алармот. Ух, пак ќе доцнам…веќе е 06:50. Станувам. Се спремам да го започнам денот. Вообичаена рутина. Се движам по дома. Тоалет- спална, спална- детска, детска- дневна, алиштата не ми се испружени. Врати се во тоалетот. Испразни ја машината за алишта. Тоалет- тераса. Собери ги алиштата од вчера, веќе се суви. Ги простирам новите. Малиот син ноќеска не спиеше добро. Поврати на креветот. Повторно во спална. Тивко, на прсти. Децата спијат, да не ги будам. Нека спијат, имаат уште 10 минути. Собери ја постелнината од креветчето. Тој не е таму, го префрлив ноќеска, во којзнае кое полубунило, додека плачеше, повраќаше и ми ја кубеше косата истовремено. Ги оставам чаршафите во пералната. Пак е полна корпата. Магичен круг, нема крај. Се враќам кај децата. Време е за во градинка. Спијат. Ок. Ќе го однесам малиот завиткан во ќебенце, во количка. Големиот нека спие, нека се одмори. Ќе купи уште 15 минути. Го префрлам малиот во количката, одоздола жолтото меко ќебе. Не се буди. Го замотувам. Ранчето, излегуваме. Набрзина, можеби е ладно надвор, но без јакна. Не ми треба, ќе ми одземе дополнително време. Брзам. Малиот спие. Не се буди, добро е. Нека поспие мајкиниот, нека се одмори. Ноќеска не спиевме. Ниту тој, ниту јас. Јас морам да го почнам денот, тој не. Нека се одмори, животот е пред него. Стигнуваме во градинка. Еден татко ми помага да ја качам количката до врата на занималната, горе е на првиот спрат. Го предавам малиот на воспитувачката. Не се буди, добро е. Трчам понатаму. Брзам по скалите, ја поздравувам воспитувачката на поголемиот син. Ќе дојде денес? Да, секако. Еве брзам дома да го спремам, па го носам. Брзам по патот назад, скоро трчам. Ја веднам главата, се погледнувам. Дотерана деловно, на нозете спортски адидас патики. Ок, смешно е, ама со нив побрзо трчам. Стигнувам дома, големиот веќе е буден (претходно му шепнав – имаш уште неколку минути сон!). Го облекувам, излегуваме. Овојпат со штиклите на нозе. Го стартувам автомобилот. Тргнавме… стигнуваме. На врата – убав ден да имаш сине! Не ме слушна, си влезе кај другарите во занимална. Ок, назад во кола и брзам. Веќе е 8 часот. Повторно ќе доцнам на работа, морам да застанам кај мојата докторка, нема друг термин.

Продолжи со читање