Browsing Tag

семејство

Концепт мама

Vlogging: Концепт мама на Youtube

Драги читатели,

Среќни сме што можеме да ви најавиме нов Youtube канал на Концепт мама каде ќе можете да следите видеа на различни теми од бременоста, породувањето и раното родителство. Се надеваме дека со ова ќе побудиме интерес кај вас и ќе започнеме дискусии на некои од темите кои не засегаат сите нас секојдневно. Во првото видео Концепт мама ги објаснува 7те B на Attachment parenting: поврзување по породувањето, доење, спиење заедно, носење на бебе, внимавање со бебе-тренинзите, верба во плачот на своето бебе-дете и баланс заедно споделувајќи и некои од нејзините лични искуства. Доколку сакате да знаете повеќе за одредена тема пишете ни и ќе ни биде драго да ја продлабочиме во некои од следните видеа.

Ви посакуваме убав викенд.

Ваша,

Концепт мама

Баланс мама

Дом со нула отпад прва недела

Како да ви опишам како се чувствував кога ја завршив „Дом со нула отпад” на Беа Џонсон… Ајде да почнеме од тоа како се чувствував некаде на средина на книгата. Се изнервирав. Прво ме фати паника од сето тоа ѓубре кое секојдневно го продуцираме, второ си реков ама чекај сакам уште ова, она, ова, она да си купам, трето си реков ок, ама некои од овие работи ние веќе ги применуваме…Ја оставив книгата, излегов надвор, бев да купам поклон за сестра ми. Чудно, но почнаа да ми одѕвонуваат работи во главата, ја земам чашката од кафето за носење ми зборува Беа Џонсон во главата како е многу поеколошки и поедноставно ако си купев една чаша во која повторно и повторно ќе може да се полни кафето, дека чашките од кафето за носење не се рециклираат. Си мислев: јас не користам пластика за една употреба, немам пластичен прибор и чинии. Отворам во фиоката во кујната и што да видам, гледам таков прибор (од каде?), ете ја Беа Џонсон повторно во мојата глава, си повторувам работи прочитани во книгата.

Кога ја завршив книгата патувајќи во воз накај сестра ми донесов одлука. Почнувам. Има дел од насоките во книгата кои веќе ги применуваме, но секогаш има простор за подобрување. Нема да дозволам да бидам заробена во она, а да ок па ние внимаваме по малку, нека внимаваат другите или да се чувствувам како да не можам да направам ништо или немам значење во морето на општеството или заедницата. Одлуката ми стана уште посилна кога пред мене се покажа огромен билборд со делфин на кој устата му е преполна со секаква пластика која луѓето на секојдневна база ја конзумираат без да размислуваат. Продолжи со читање

Концепт мама

Рекоа за книгата „Концепт мама”

„Во периодов, кога на македонскиот пазар, во книжарниците, нема доволно книги на македонски јазик, „Концепт мама“ е вистинското четиво за една македонска трудница и идна мајка. Преку неа секоја жена тивко и лесно ќе навлезе во тајните на бременоста и мајчинството, и полека и сигурно ќе ги доживува месеците сè до главниот момент на породувањето. А потоа… потоа настануваат многу неочекувани ситуации – зошто плаче малото бебе, кога и колку да јаде, што да јаде? Одговор на сите овие и многу други, а слични прашања ќе најде секоја жена во ова прекрасно конципирано дело.”

д-р м-р Симонида Котларова Попоска

„Во однос на стручниот дел од книгата релевантен на мојата област, можам јасно да потврдам дека сите изнесени податоци, совети и факти се во согласност со современата медицинска теорија и пракса. Особено ме радува фактот што авторката се обидува да ги доближи најновите светски трендови во Македонија.

Како што веќе спомнав, можеби една од најголемите придобивки на оваа книга се основните информации за родителите:

– кога треба, а кога не треба да го доведат своето дете на лекар;

– што да прават во случај на незгода;

– како да даваат прва помош;

– како преку здрава исхрана да обезбедат здраво и спокојно растење на своите чеда.”

д-р Никола Филев

Баланс мама

Баланс тандем: Палачинки со боровинки и воведно видео во аштанга јога

Додека работиме на тоа здравата исхрана и спортувањето да ни станат интегративен дел на секојдневното живеење, а не предизвик, решивме во категоријата Баланс мама да споделуваме програми за вежбање и рецепти кои можете да ги применувате во вашето секојдневие. Од исклучителна важност е постојано, а особено во периодите на бременоста и потоа во родителството да внесуваме храна која дава енергија и да практикуваме вежби кои даваат енергија. Го знаете оној момент кога јадете ”нешто што не треба” и кога на вашето дете му давате да јаде нешто здраво, тоа сака нешто од вашата чинија, а вие велите не? И самите знаете дека не е еден од вашите славни моменти. Го чувствувате заморот, што од секојдневните обврски, од работа, од енергијата на децата која не можете секогаш да им ја возвратите? Колку помалку вежбате и применувате физичка активност, толку помалку енергија имате, а да не го спомнуваме чувството на вина кое секогаш лебди во меѓупросторот. Од таа причина, во случај кога треба да почнете со повеќе промени ви предлагаме да почнете со мали чекори. Секое вежбање, дури и она што трае 10 минути, а е консеквенто е значајно, секое воздржување од внесување храна која само ви го крева шеќерот, а потоа ве спушта е исто така значајно. Да направиме мали чекори заедно.

Продолжи со читање

Инспирација

ФОТОКОЛАЖ Бр.1

Овој колаж му го посветуваме на Владета Јеротиќ.

Во продолжение ќе пронајдете некои од неговите размислувања за децата, родителите, љубовта, личноста…

„Детето до крајот на третата година е впивачки ум, како сунѓер е. Колку е само потребно тогаш таткото и мајката да го сакаат најмногу! И така до 5 години, па потоа и нека има мали конфликти, но во првите три до пет години,  заради детето а и заради себе, детето треба да ја види, да ја впива љубовта на својот татко и мајка. Скриптата ќе остане, а потоа децата во својот брак ќе бараат да го доживеат она што го доживеале во првите три до пет години: и добро и лошо. Генетика, пренатално доба и првите три години на животот!”

„Треба да може да се дозволи детето да се одвои, уште повеќе, да сака да се одвои и еден ден да си оди. Чувството на самоконтрола без губење на самопочитувањето според Ериксон е онтогенетски извор на чувството на слободна волја”.

„Луѓето најмногу очекуваат нешто од другите, детето од родителите, потоа родителите од детето, но тоа не би требало да е така, бидејќи сите ние треба да работиме на себе и тоа без прекин.”

 

„На природната тежа на љубовта и се потребни поволни услови за развој. Затоа што да се сака друг човек значи и да се разбира, а секако и да му се простува.

До душа, не е лесно да се сака човек онаков каков што е, но само ако сме во состојба не само да го прифаќаме туку и да го засакаме баш таков каков што е, ќе го поттикнеме да стане таков каков што може да биде. ”

 

 

„Детето нема никаков друг критериум за сопствената вредност освен преку признанието кое го добива од својата најблиска околина. Да не заборавиме притоа на тврдењето на Адлер дека секое дете не само што ја чувствува својата инфериорност, туку тоа самото и е инфериорно во однос на светот на возрасните околу него.

Не е ни важно дали е некое дете физички недоразвиено, бидејќи сме имале примери кога ваквите деца и подоцна созреаните возрасни луѓе, со правилно одгледување во кое на детето му е пружен материјал за самопотврдување и признавање на неговата личност, воопшто не патат од никакви чувства на инфериорност.

Напротив, голем број деца надарени како со интелегенција така и со физички изглед заради погрешното одгледување прилично многу патат од недостаток на самодоверба, плашливост и срамежливост.”

 

„Среќна љубовна заедница е онаа во која се одвива заеднички развоен процес.”

Концепт тато

Срцестопувачки концепт тато

Посветениот татко не е татко кој ги разгалува своите деца. Тој е едноставно посветен исто како и својот партнер и верува во делењето на семејните обврски.

Кога ги видовме илустрациите на https://www.instagram.com/vskafandre/ веднаш помисливме дека е убаво да ги споделиме со вас и да им наздравиме на најдрагите, Концепт татковци!

Мора да признаете дека тие секогаш знаат да изненадат со своите начини на правење на работите и да најдат свои креативни пристапи во воспитувањето на своето дете.

Cheers за посветените Концепт таковци и големо благодарам до Концепт таткото на мојата ќерка кој ја заспива нашата ќерка за јас да најдам време вечерва да го напишам овој пост за вас. <3

 

 

Инспирација Концепција

ПРИКАЗНИ ЗА МАЈЧИНСТВОТО: Свои приказни си замислуваме

Кога единството од блаженството се претвора во множество, мајчинството стапува во семејството. Кај секоја мајка расте стравот како што расте мевот, се додека не го почувствува во својата прегратка благословот. Во првиот поглед на стиснатите тупаници во самоодбрана, целата беспомошност и милост на овој свет е собрана. Еуфоријата од првите денови прераснува во лудорија, а оние што не се изморија бабите и дедовците ги одморија. Многу расположенија ми се сменија со новите задолженија, но сета огромна љубов и трпение на светов се соединија. Од сите тие бескрајни прекрасни насмевки – секојдневни лотариски добивки, од сите тие крокодилски солзи – кратки нервози. Не можам да кажам многу како мајка во овие три години, бидејќи само ги ставам темелите на моите тврдини. Сепак, за мајчинството кога размислуваме, сите свои приказни си замислуваме.

Даниела Ѓорѓоноска

Инспирација

ПРИКАЗНИ ЗА МАЈЧИНСТВОТО: Патување со авион

Тоа беше нашето прво патување заедно – мое и на Аурора. Утрото станав навреме, но како и секогаш нешто искрснуваше до последен момент, па дури и кога веќе требаше да тргнеме, трчав од соба во соба како мува без глава… Ја носев во раце зашто го заборавив кенгурот. Маж ми пцуеше по пат и шибаше по серпентините. Откако излеговме од кола, Аурора поврати, а и мене ми се лошеше. Кога аеродромските службеници ја видоа, рекоа: „Не се секирајте, ако треба за неа повторно ќе го отвориме чек-ин каунтерот!“ Со некакво чудо, се сместивме на нашето седиште. Можеби инфантилно, но ја крстив по Дизниевата „Заспана убавица“, иако и латинското значење ми се допаѓа, секако… Во тој контекст помислив колку би било убаво веднаш да заспие, па да се разбуди кога ќе ја бакнам, откако ќе слетаме. Бебешкиот сигурносен појас што ни го дадоа не ми влеа доверба (требаше да мислам на тоа кога одлучив да цицијашам за додатна карта, ама кој да влече по пат седиште за автомобил). Се сетив на сцената од Пиксаровите „Неверојатни“, кога авионот во којшто беа мајката и нејзините деца почна да паѓа, па таа метаморфозира во падобран, а по слетувањето – во глисер, за да ги одвезе на безбедно. Поцврсто ја стегнав Аурора. Како што авионот се придвижи, и таа се распретка. Се обидов да ја дојам за да не ја заболат ушите, но нејќеше. Како и секогаш кога нешто не ѝ беше по волја, почна да плаче… и не престана. Безуспешно ѝ нудев дојка и играчки. По толку врескање, како и вчудоневидени коментари од другите патници, и јас почнав да плачам. Сите излегоа, а кога една стјуардеса забележа во каква состојба сме, пријде и ја зеде Аурора, која ѝ се фрли во прегратка! Веднаш се смири и разочарано ме гледаше како плачејќи каскам зад нив.

Шифра: Елена

https://konceptmama.mk/?p=284

Концепција

ПРИКАЗНИ ЗА МАЈЧИНСТВОТО: To-do листа

03 април. Рано утро. Ѕвони алармот. Ух, пак ќе доцнам…веќе е 06:50. Станувам. Се спремам да го започнам денот. Вообичаена рутина. Се движам по дома. Тоалет- спална, спална- детска, детска- дневна, алиштата не ми се испружени. Врати се во тоалетот. Испразни ја машината за алишта. Тоалет- тераса. Собери ги алиштата од вчера, веќе се суви. Ги простирам новите. Малиот син ноќеска не спиеше добро. Поврати на креветот. Повторно во спална. Тивко, на прсти. Децата спијат, да не ги будам. Нека спијат, имаат уште 10 минути. Собери ја постелнината од креветчето. Тој не е таму, го префрлив ноќеска, во којзнае кое полубунило, додека плачеше, повраќаше и ми ја кубеше косата истовремено. Ги оставам чаршафите во пералната. Пак е полна корпата. Магичен круг, нема крај. Се враќам кај децата. Време е за во градинка. Спијат. Ок. Ќе го однесам малиот завиткан во ќебенце, во количка. Големиот нека спие, нека се одмори. Ќе купи уште 15 минути. Го префрлам малиот во количката, одоздола жолтото меко ќебе. Не се буди. Го замотувам. Ранчето, излегуваме. Набрзина, можеби е ладно надвор, но без јакна. Не ми треба, ќе ми одземе дополнително време. Брзам. Малиот спие. Не се буди, добро е. Нека поспие мајкиниот, нека се одмори. Ноќеска не спиевме. Ниту тој, ниту јас. Јас морам да го почнам денот, тој не. Нека се одмори, животот е пред него. Стигнуваме во градинка. Еден татко ми помага да ја качам количката до врата на занималната, горе е на првиот спрат. Го предавам малиот на воспитувачката. Не се буди, добро е. Трчам понатаму. Брзам по скалите, ја поздравувам воспитувачката на поголемиот син. Ќе дојде денес? Да, секако. Еве брзам дома да го спремам, па го носам. Брзам по патот назад, скоро трчам. Ја веднам главата, се погледнувам. Дотерана деловно, на нозете спортски адидас патики. Ок, смешно е, ама со нив побрзо трчам. Стигнувам дома, големиот веќе е буден (претходно му шепнав – имаш уште неколку минути сон!). Го облекувам, излегуваме. Овојпат со штиклите на нозе. Го стартувам автомобилот. Тргнавме… стигнуваме. На врата – убав ден да имаш сине! Не ме слушна, си влезе кај другарите во занимална. Ок, назад во кола и брзам. Веќе е 8 часот. Повторно ќе доцнам на работа, морам да застанам кај мојата докторка, нема друг термин.

Продолжи со читање

Баланс мама Експерти и совети Концепт мама

ИЗВАДОК ОД КНИГАТА „КОНЦЕПТ МАМА“ : Мајката и бебето треба да бидат заедно, тоа е најдобро за мајката, за бебето и за доењето

Бебињата, исто така, го доживуваат породувањето како премин. Тие поминуваат низ исклучително голема транзиција помеѓу два сосем различни контексти. Веднаш по породувањето, се наоѓаат во средина во која ја нема удобната топлина на мајчиниот стомак, за прв пат земаат здив, не се веќе заштитени и треба да почнат да користат сосем нови функции на својот организам. И покрај оваа транзиција, лекарите и медицинскиот персонал честопати не ги пречекуваат внимателно и сензитивно, ги вадат и земаат грубо со рацете, ги потчукнуваат, рутински започнуваат со прегледите. Францускиот гинеколог Фредерик Лебоер е меѓу ретките лекари кои ги земаат предвид и чувствата на бебето. Во својата книга Раѓање без насилство тој ја раскажува приказната од перспективата на бебето, кое се раѓа и повикува на нежен пристап. Неговиот „Метод на Лебоер“ се состои од затемнување на собата во последната фаза од породувањето, тишина и предавање без одложување на бебето на мајката, негово поставување врз неа за да можат да го остварат чинот „кожа на кожа“ (вообичаено, во болниците по породувањето бебето се зема да се исчисти, му се прават прегледи, се затоплува, му се даваат лекови). Во едно интервју Лебоер го искажува својот став и за породувањето: „Сите бремени жени се исплашени, јас искрено верувам во тоа. Секоја жена треба да го признае својот страв и да погледне од што навистина се плаши. Само тогаш таа може да започне да се справува со него и да го прегрне физичкиот предизвик на породувањето“.

Продолжи со читање